Ѓубрето од Скопје ќе биде гориво во печките на „Усје“

Наместо на „Дрисла“, дел од отпадот од Скопје ќе завршува во печките на цементарницата „Усје“. Дрва, гранки, лисја, но и голем дел од сувиот комунален отпад, како и текстил може да се искористи како алтернативно гориво во процесот на производство на цемент. „Усје“ во моментов инвестира во постројката за согорување, во која прво гориво ќе биде биомасата собрана од скопските зелени површини. Ќе се откупува и земјоделски отпад, како оризова арпа или остатоци од винската индустрија. Дел од овие остатоци сега не се третираат на еколошки начин, туку едноставно се палат на отворено, со што дополнително се загадуваат воздухот, почвата и подземните води.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вчера ја посети Цементарницата и најави дека градската власт до крајот на годината ќе инвестира во три до четири илјади нови контејнери, од кои дел ќе бидат наменети за селекција на различен вид отпад. Тенденцијата е да се пролонгира векот на живот на депонијата, а од друга страна да се употреби секоја корисна состојка од отпадот, која може да биде репроматеријал или, пак, да се употреби како алтернативно гориво.

„И граѓаните ќе можат да селектираат отпад, а за тоа ќе добијат соодветна инфраструктура. Дополнително, партнерската компанија која ја бараме за ‘Дрисла’ ќе треба да обезбеди секундарна селекција на отпадот, во која финално ќе се одвои секоја употреблива состојка и ќе се испрати на рециклирање. Во рамките на селекцијата ќе се одвои и комуналниот отпад што може Цементарницата да го користи како гориво. Додека се реализира ова, ќе им даваме биоотпад собран од парковите“, рече Шилегов.

Тој посочи дека партнерот во „Дрисла“ ќе треба да изгради печка за согорување на остатокот од отпадот, а пепелот што ќе останува како нуспродукт, исто така е потенцијално гориво за „Усје“.

Опремата за дозирање на алтернативното гориво е веќе нарачана од германски производител, а во Цементарницата очекуваат летово да биде испорачана. Како што информира Борис Хрисафов, главен извршен директор на цементарницата „Усје“, инвестицијата е од 1,5 до 2 милиони евра.

„Веднаш штом ќе биде монтирана новата постројка ќе почнеме да откупуваме биомаса од Градот Скопје, а веќе преговараме и со земјоделски производители од Кочани, Штип, Чешиново и Облешево за да ги откупуваме и остатоците од нивното производство. Ќе набавиме и специјални приколки за собирање оризова лушпа, која лета и е голем проблем за земјоделците. Приколките ќе им ги донираме на општините. Ќе набавиме и машина за сечкање текстил за да може и тој да се користи и тоа како дел од алтернативните горива“, вели Хрисафов.