НВО: Во Сирија од четвртокот убиени повеќе од 300 цивили


Сириската невладина Опсерваторија за човекови права денеска соопшти дека од четвртокот во Сирија се убиени 300 цивили во судирите меѓу сириските безбедносни сили и сојузничките групи со лојалистите на соборениот претседател Башар ал Асад во западниот дел на земјата.

Ова е прво насилство од ваков размер откако бунтовничката коалиција предводена од радикалната исламистичка сунитска група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) ја презеде власта во Сирија на 8 декември.

Судирите избувнаа во четвртокот по неколкудневните тензии во регионот Латакија, упориште на алавитското малцинство, огранок на шиитскиот ислам на кој му припаѓа семејството на Асад.

Според Опсерваторијата, безбедносните сили и сојузничките групи убиле 311 цивили Алеути во крајбрежната област од четвртокот, како и дека се спроведуваат егзекуции и грабежи на домови и стоки.

Опсерваторијата информира дека во насилствата во западна Сирија загинале вкупно 524 лица, меѓу кои 93 припадници на безбедносните сили и сојузничките групи и 120 борци лојални на соборениот претседател Асад.

Опсерваторијата со седиште во Лондон посочи дека денеска се вратил релативниот мир во регионот, но додаде дека безбедносните сили продолжуваат со расчистување на областите каде што има вооружени луѓе и испраќаат засилување.