Новосадската „Ана Каренина“ на Пројковски меѓу најдобрите пет претстави во сезоната


Претставата „Ана Каренина“ премиерно изведена во Нови Сад, во режија на македонскиот театарски режисер Дејан Пројковски, е рангирана во најдобрите пет претстави во театарската сезона 2019/2020, според процената на порталот „Едит култура во Белград“, објави „Нова Македонија“. Претставата е работена по култниот роман на Лав Николаевич Толстој, а премиерата се одржа на 29 октомври 2019 година.
Кореографка е Олга Панго, музиката е на Горан Трајкоски, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимографка е Марија Папучевска. Играат: Марта Береш, Атила Немет, Арпад Бучер, Золтан Сирмер, Џудит Ласло, Габор Понго, Бланка Диенеш, Агота Ференц, Роберт О Швар, Ливиа Банка, Терезија Фигура, Мартин Бохоки и др.
– Претставата е конзистентна на романот, од кој Пројковски ги обработува клучните сцени, меѓутоа не прави премногу интервенција врз самиот текст – дијалозите претежно се пренесени од романот. Самата режија е речиси филмска, темпото на промена на сцените е брзо и можеби затоа гледањето на претставата ве опива.

Сепак, Пројковски користи костими со модерни елементи, а во големите групни сцени (на пример, сцената со балот) имаме танцови секвенци придружени од електронска музика. Целата поставка е комбинација од класични елементи на сцената и костимите, современи во другите аспекти (музиката и глумата), така што се добива еден вид на „поп Ана Каренина“ – се вели во образложението, во кое е пофалена и глумата на фантастичната Марта Береш како Ана, како и другите актерски остварувања.
„Ана Каренина“ на Пројковски беше првата премиера во 46-та сезона на Новосадскиот театар.