Новороденчето најдено во контејнер во Запрешиќ е надвор од животна опасност


Илустрација (Фото: Б. Грданоски)

Новороденче кое синоќа беше пронајдено во Запрешиќ кај Загреб завиткано во ќебе и фрлено во контејнер е надвор од животна опасност, потврдија за Индекс од загрепската полиција.

Полицијата пријавата ја добила околу 23 часот. Новороденчето е пренесено во болницата „Свети Дух“ во Загреб.

Болница: Во добра физичка состојба е
Според првите и неофицијални информации од местото на настанот, бебето било облеано во крв и имало повреди на главата, а наводно е во критична состојба. Оваа информација денеска не е официјално потврдена, но од болницата утрово за „Индекс“ велат дека бебето е во добра состојба и дека нема видливи повреди.

„Новороденчето било донесено во КБСД околу полноќ. Тоа е во добра физичка состојба, со нормални витални функции и без знаци на надворешни повреди“, велат од болницата.

Полицијата сѐ уште истражува
Според првите информации, на местото каде што е пронајдено бебето имало и 15-годишно дете, кое побарало помош од минувачите, но полицијата ја демантираше оваа информација.

Полицијата сѐ уште го истражува случајот и продолжува со утврдување на околностите и идентитетот на мајката.