Новиот објект на велешкиот театар прокиснува по дожд, шест години нема технички прием


За само шест години од свеченото отворање во декември 2014 година зградата на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот” по вторпат прокисна од последните обилни дождови на неколку места во фоајето и помошните простории, но не е прокисната големата и малата сцена. В. д. директорот Сашо Димоски за МИА информира дека проблемот не е нов и дека веќе го известил Министерството за култура и дека тоа моментално интервенира односно работи на санирање на оштетувањата во зградата.

-Проблемот со прокиснувањето на објектот на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот” не е нов, тој е стар. Министерството за култура го известив за проблемот и веќе се работи на санација на проблематичните места во објектот односно нивно санирање, појасни Димоски.

Тој информира  дека бидејќи се уште нема извршено технички прием на театарот се уште ингеренциите врз него ги има Министерството за култура.

-Од нивна страна е покажан интерес да  се решат проблемите со прокиснувањето, а и во врска со техничкиот прием на објектот но засега немаме известување кога тоа ќе се случи. Но за да има технички прием, треба од нивна страна целосно да се направи анализа во каква состојба се наоѓа објектот на новата театарска зграда во Велес, појасни Димоски.

За тоа дека нема технички прием на зградата на театарот уште во летото 2018 реагираше Државниот завод за ревизија, но и по две ипол години работите се на статус кво.

Инаку за  новата театарска зграда која започна со градба во 2008, примопредавање се изврши на 26 јуни 2014, а свечено беше отворена на 20 декември 2014, кога на големата сцена  се одигра и првата премиера  „Најважната работа на светот” во режија на Љубиша Георгиевски.
За  жал, по само три и пол години од свеченото отворање,  нејзино прво прокиснување се случи по обилните дождови во мај 2018.