Новинар ги спореди француските злосторства во Алжир со нацистичките злосторства, поднесе оставка


Францускиот новинар Жан-Мишел Афатие изјави дека целосно останува на неговите коментари дадени на една радио станица кон крајот на февруари, во која тој ги поистоветува злосторствата извршени од Франција во Алжир со злосторствата на нацистичка Германија во окупирана Франција.

Тој најави и дека нема да се врати во РТЛ. „Нема да се вратам во РТЛ. Тоа е моја одлука“, напиша Афатие на Х откако радио станицата го суспендираше од програмата на една недела, пренесува АФП.

„Нацистите се однесуваа како нас“
Афатие на 25 февруари рече: „Секоја година во Франција го одбележуваме она што се случи во Орадур-сур-Глејн, масакрот на цело село. Но, извршивме стотици такви, во Алжир. Дали сме свесни за тоа?

Патем, единицата на СС која се враќала на фронтот во Нормандија масакрирала 642 жители на Орадур-сур-Глејн на 10 јуни 1944 година. Селото никогаш не било обновено, но останало грозоморен споменик за идните генерации.

На прашањето дали Французите се однесуваат како нацистите, Афатие одговори: „Нацистите се однесуваа како нас“.

Војната доведе до независност на Алжир
Подоцна призна дека неговите коментари предизвикале жестока дебата, но ја истакна важноста да се разбере целосната приказна за француското присуство во Алжир од 1830 до 1962 година, велејќи дека е „згрозен“ од она што го прочитал во историските книги.

„Откако каналот ме суспендираше една недела, тоа значи дека ако се вратам во РТЛ, ќе признаам дека згрешив. Тоа е линија што не може да се помине“, објасни тој. Однесувањето на Франција во Алжир за време на војната 1954-1962 година, што доведе до независност на Алжир, е предмет на болна дебата во двете земји.

Историчарите од двете страни документираа бројни прекршувања во последниве години, вклучително и произволни убиства и апсења извршени од француските сили.