Новинар: Би поддржале ли напад на САД врз Иран? Демократски сенатор: По ѓаволите, да!

СЕенаторот Џон Фетерман, демократ од Пенсилванија, рече дека би поддржал превентивен напад врз Иран за уништување на неговите нуклеарни капацитети.
Кога новинарите го прашаа дали би поддржал директно вклучување на САД во војна меѓу Израел и Иран, тој одговори: „Велам „по ѓаволите да“ речиси шест недели“.
Тој ја потврди својата загриженост дека Иран би можел да се здобие со нуклеарно оружје. „Бомбардирањето и уништувањето на нивните нуклеарни објекти, тоа е прашање на мир“, нагласи тој.
Фетерман рече дека не ја поддржува резолуцијата за воени овластувања предложена од сенаторот Тим Кејн, демократ од Вирџинија. Кејн сака да ги ограничи воените овластувања на американскиот претседател Доналд Трамп, односно да ѝ забрани на американската војска да презема мерки против Иран без одобрение од Конгресот или објава на војна.
Кој е Џон Фетерман?
Фетерман е сенатор од јануари 2023 година. Од 2006 до 2019 година, тој беше градоначалник на Брадок, мал град во Пенсилванија, а потоа од 2019 до 2023 година, беше заменик-гувернер на Пенсилванија.
Препознатлив е по својот изглед и стил на облекување. Висок е околу два метра, има тетоважи и често носи тренерки. Во однос на политиката, тој се залага за легализација на марихуаната, работничките права и либералните вредности како што се правото на абортус и ЛГБТК правата.
Иако претходно беше силен критичар на Трамп, по минатогодишните претседателски избори почна да се зближува со него. Тој стана првиот демократски сенатор кој се сретна со Трамп откако освои втор мандат.
Фетерман поддржува некои од потезите на Трамп, како што се воената парада и ограничувањата за Иран, и не го критикуваше помилувањето на Трамп за оние вклучени во немирите во Капитол.