Нови ограничувања во Париз и уште 11 француски градови поради епидемијата
Во Париз и 11 други француски градови кои се сметаат за епидемиолошки високоризични, од денеска ќе стапат во сила нови рестриктивни мерки, кои ќе бидат во сила во следните 15 дена, со можност да бидат продолжени.
Во Париз ќе бидат распоредени дополнителни полициски сили за да ги спроведуваат новите мерки и да го казнат секој што не се придржува до нив, предупреди париската префектура.
Според новите построги мерки, сите кафулиња можат да работат само до 22 часот, а рестораните малку подолго.
Продажбата и консумирањето алкохолни пијалаци на јавни места ќе бидат забранети од 22 до 6 часот наутро.
Од денеска забранети се и свадбени прослави, фестивали, спортски настани и студентски забави, но музеите, кината и театрите, кои веќе ги воспоставија своите строги мерки за превенција, можат да продолжат да работат.
Забранети се сите собири на повеќе од 1.000 луѓе, а максимум 10 лица можат истовремено да се шетаат во парк.
Демонстрациите не се забранети, но мора да бидат пријавени кај локалните власти.
Според официјалните податоци, во Франција до сега од Ковид-19 починале 31.727 лица.