Истрагата не најде биолошки траги од убиеното девојче Данка


 

Вишото јавното обвинителство во српскиот град Зајечар за весникот „Данас“ ги потврди информациите кои се појавија во одредени медиуми дека новите вештачења на ДНК кои пристигнале во обвинителството не покажуваат дека има биолошки траги од убиеното девојче Д.И.

„Во досега добиените резултати од ДНК нема биолошки траги од девојчето. Сепак, важно е да се напомене дека ова е само дел од вештачењето, бидејќи има многу предмети. Сега пристигнаа само првите неколку извештаи. Очекуваме да пристигнат и другите“, изјави за „Данас“ Миодраг Цановиќ, обвинител од Зајечар.

Убиено е двегодишното девојче Данка Илиќ. По 10-дневна потрага и детални проверки на сите индиции и информации, полицијата уапсила двајца мажи од Бор, кои се осомничени за убиство. Тие се сомничат дека со својот автомобил го удриле девојчето, а потоа се договориле да го фрлат телото на детето.

Моментално се во притвор. Поради сомнение дека му помагал на својот брат, кој е еден од осомничените, полицијата го уапсила и Д.Д. кој наредниот ден починал во полициската станица во Бор. МУП најпрвин соопшти дека Д.Д. починал како последица на срцев удар, но медиумите објавија дека обдукцискиот наод потврдил дека сепак се работи за насилна смрт.

Телото на девојчето до денес не е пронајдено.