Нови арбитражни постапки против Македонија, за „Шпанските скали“, за „Дрисла“…

Несовесното раководење, договорите во четири очи и негрижата за јавното добро и години по владеењето на ВМРО – ДПМНЕ ја изложуваат нашата држава на ризици, вели вицепремиерот Битиќи


Две нови арбитражни постапки против Северна Македонија би можеле да ја чинат државата нови десетици, па и стотици милиони евра, а заедно со претходните кои што се веќе познати во јавноста, вкупните побарувања надминуваат 1,3 милијарди евра. Денеска на прес конференција вицепремиерот Фатмир Битиќи рече дека двете нови арбитражи се донесуваат за таканаречените „Шпански скали“ во најстрогиот центар во Скопје, и за партнерството во скопската депонија „Дрисла“.

„Несовесното раководење, договорите во четири очи и негрижата за јавното добро и години по владеењето на ВМРО – ДПМНЕ ја изложуваат нашата држава на ризици и парите на нашите граѓани место да бидат употребени во развојни проекти ќе треба да се користат за одбрана на државата и нејзините интереси пред меѓународните судови“, рече Битиќи.

Тој ги образложи и двете најнови постапки кои што се обелоденија деновиве.

„Првата постапка која што е покрената деновиве е од страна на групацијата ‘Амадеус’, и ‘Амадеус девелопмент дооел’, за случајот ‘Шпански скали’“, рече Битиќи.

Тој објасни дека на 18 август 2023 година од страна на групацијата „Амадеус“ и „Амадеус девелопмент“ дооел, регистрирана е арбитражна постапка против Република Северна Македонија, според правилата и конвенцијата на Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови.

„Групацијата „Амадеус“ побарува надомест за прекршување на билатералниот договор за поттикнување и заемна заштита на инвестициите кој го имаме со владата на Република Албанија. Прелиминарните барања на тужителот се РСМ да плати отштета на групацијата ‘Амадеус’ за наводно претрпена загуба во износ што моментално се проценува на не помалку од 110 милиони американски долари“, рече Битиќи.

Проектот Шпански скали

Тој посочи дека како што се наведува во известувањето за поведувањето на арбитражната постапка, групацијата „Амадеус“ првенствено била одговорна за изградба на комерцијална зграда, вклучително и хотел во градот Скопје, дозволата исто така барала изградба на скалила кои беа познати како „Шпански скали“.

„На јавноста и е многу добро познато дека проектот Шпански скали е предмет на кривично гонење. Тужителот тврди дека Општината Центар му забранило на ‘Амадеус’, да започне со градба, и покрај фактот што општината го издала првичното одобрение за градба во јули 2015 година. Другите нејзини одлуки наводно го попречувале развојот на секој нареден чекор“, рече Битиќи.

Образложувајќи го случајот, Битиќи додаде дека од 23 мај 2015 година до 30 септември 2015 година, општината наводно ставила мораториум на градби, а набргу потоа втората одлука наводно ја забранила изградбата на хотелот и деловната зграда на „Амадеус“, почнувајќи од 31 декември 2015 година.

Тужителот тврди дека наводно поништувањето на урбанистичкиот план за 2012 година резултирало со стапување во сила на ДУП, за централното градско подрачје на Град Скопје кој не го вклучувал градежниот проект на „Амадеус“.

„Во овој момент тужителот има наведено само површни наводи и аргументи без докази и документација во поткрепа на така изнесените наводи“, рече Битиќи додавајќи дека постапката е покрената неколку години по наводното сторено повреда на договорот.

Инаку, целиот процес започнува по распишаниот тендер од страна на Министерството за транспорт за 2012 и 2013 година со тогашниот министер Миле Јанакиевски.

Втората постапка која што е покрената деновиве е од страна на „ФЦЛ амбиенти“ за случајот приватен партнер за депонијата „Дрисла“. Како што објасни Битиќи, во 2011 година Град Скопје ја избрал оваа компанија за партнер кој ќе работи со ЈП „Дрисла“. Фирмата се стекнала со 80 отсто од уделот во ЈП „Дрисла“, а Град Скопје се стекнал со 20 отсто.

Меѓутоа, Управниот суд во 2018 година го поништи решението за избор на „ФЦЛ Амбиенте“ за приватен партнер за управување со депонијата „Дрисла“. Во 2020 година „Дрисла доо“ повторно се трансформира во јавно претпријатие за што италијанската фирма поведе арбитражна постапка.

Фото: Б. Грданоски

„Несовесното раководење, договорите во четири очи и негрижата за јавното добро ја изложуваат нашата држава на ризици и парите на граѓаните. Сега ќе треба парите да се користат за одбрана на интересите на државата во меѓународните спорови. Преземени се сите правни дејствија и затоа е формирано координативно тело за следење на активностите поврзани со меѓународни арбитражи кое јас го водам“, рече Битиќи.

Инаку, вкупната вредност на сите арбитражи кои што се водат против државата надминуваат 1,365 милијарди евра. Сите постапки се за периодот пред 2017 година, кога се настанати наводните прекршувања на меѓународни договори за заштита на инвестиции.

Вицепремиерот Битиќи истакна дека Владата преку Координативното тело за следење на арбитражни постапки, произлезени од меѓународни договор со кое тој лично претседава, ќе стори се за да го заштити интересот и меѓународниот углед на државата.

„Веднаш се преземени дејствија и навремено се започнати сите процеси со цел соодветна заштита на правните интереси на државата и секако јавните добра, затоа што евентуалното непреземање на правни дејствија би значело евентуално губење на ваквите спорови пред меѓународните судови, за што во минатото има такви пракси“, рече Битиќи, додавајќи дека задачите на координативното тело не ја исклучуваат надлежноста на институциите кои се вклучени во постапките.