Новата модна колекција на Јована Филиповиќ е омаж на женската моќ, самоувереност и елеганција (фото)

Жената што ја претставува брендот Јована Филиповиќ е впечатлива (како и таа самата)


Фото: А. Секулиќ

Јована Филиповиќ, омилената дизајнерка на македонската елита, во своето елегантно и минималистичко уредено модно ателје од 110 метри квдратни во центарот на Скопје, ја промовираше новата модна  колекција – Seasonless 2026,  која претставува омаж на женската моќ, нејзината самоувереност и елеганција.

Фото: Б. Грданоски

Во лежерна атмосфера, со миризливи свеќи од скапи парфеми, со коктели, чоколадо и избрано модно друштво. Закачените модели од колекцијата, со скулптуралните форми и чисти линии, внесуваа чувство на авторитет и  самодоверба.  Бевме дел од интересно модно патешествие кое ја слави слободата и уникатноста на жената, која ја почитува класиката, ама не бега од модерното. Моќна беше и фотосесијата со прекрасна манекенка од Белград, снимана среде Белград, со фотографии поставени на ѕидовите од модното ателје, со што Филиповиќ, суптилно најавува дека го освојува и српскиот пазар. 

Фото: А. Секулиќ

Жената што ја претставува брендот Јована Филиповиќ е моќна (како и таа самата). Таа е впечатлива.Таа е смела.Таа е ранлива, но силна.Таа има очи и став што зборуваат погласно од зборовите.Таа носи класика со став — инспирирана од машката естетика, но редефинирана со женска префинетост. 

Фото: А. Секулиќ

Палетата е минималистичка: црна, графитна, беж и длабоки неутрали, а бордото нијанса дава финален акцент на елегенција и софистицираност. 

Фото: А. Секулиќ

Ткаенините се богати — волнени, кашмирски и структурирани материјали што создаваат длабочина без да ја нарушат чистотата на формата.

Фото: А. Секулиќ

Тексасот, со својот избелено-индустриски изглед, создава впечаток на патина – како моден артефакт обликуван од искуството низ времето. 

Фото: А. Секулиќ

Како и во сите колекции на ЈФ брендот, постигнат е контраст помеѓу структурата и елегантната “мекост”: скулптурални сакоа со нагласени раменици, волуменозни палта, прецизни линии на корсетите наспроти лелеави волнени панталони, чипкани долги кошули и прозирни сукњи.

Фото: А. Секулиќ
Модел: Тијана Шаренац
Шминка: Жељка Јанковиќ
Фризура: Бојана Котиќ
Креативен Директор: Јована Филиповиќ
Креативен Асистент: Марјан Бебекоски

 

Л. Сабит