Нова точка на раздор меѓу Влен и владата на Еди Рама: „Идиоти“ ги разгневи македонските министри

Министерот за економија Бесар Дурмиши остро го нападна албанскиот министер за надворешни работи, но и амбасадорот на Албанија во Скопје


Министер и министер: Бесар Дурмиши и Ферит Хоџа

 

Можеби сегашната структура од Влен не е во најдобри односи со владата на Еди Рама во Тирана, но инцидентот од последниве два дена ги олади дополнително комуникациите меѓу нив. Причина е порака на министерот за надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа на група на „Вотс ап“ комуникацијата во која министерот Хоџа наводно вели за Албанците во Македонија: „Што велат тие албански идиоти“.

Тоа предизвика бура кај опозицијата во Албанија, а и реакции овде. Синоќа се јави министерот за економија и труд од редовите на Влен, Бесар Дурмиши, кој на социјалните мрежи напиша оти официјална Тирана итно треба да ја објасни скандалозната и разочарувачка реторика употребена кон Албанците кои живеат во Маедонија. За Дурмиши, потегот на Хоџа е крајно неприфатлив и спротивен на секаков етнички и професионален кодекс за еден државен претставник. Дурмиши во реакцијата посредно го напаѓа и проектот „Отворен Балкан“ и вели македонските Албанци се дел од „националниот корпус“.

 „Албанија има уставна обврска да се грижи за своите сонародници кои живеат надвор од границите на земјата. Албанците од Северна Македонија не се соседи на омилениот официјален проект на Тирана ‘Отворен Балкан’, туку интегрален дел од националниот корпус“, напиша Дурмиши.

Според него, вина имал и албанскиот амбасадор во Скопје, Денион Мејдани, затоа што не реагирал на тој речник и да ги заштити своите сонародници. Тој одбра да молчи, вели Дурмиши.

Не е јасно како би можел да се вмеша амбасадорот во една изјава на својот шеф, за која министерството за надворешни работи на Албанија тврди дека е непостоечка.

Дурмиши оди и чекор понатаму во обвинувањата на амбасадорот Мејдани и му дава задачи да ги застапувал националните интереси, наместо да биде претставник на државата која го испратила – Албанија. Дурмиши уште додава дека амбасадорот се претворил во портпарол на одредени политички партии во Македонија.

Македонија нема добри односи со некои од своите соседи, но никогаш амбасадорите на тие земји не биле обвинувани и оцрнувани со овие зборови кои ги изрече Бесар Дурмиши, кои ја пречекоруваат границата кон однесувањето кон амбасадорите. Тоа може да ѝ предизвика проблеми на македонската влада, а и на колегата на Дурмишти, пефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски. 

Позицијата на еден амбасадор во странска земја е деликатна и доколку премине нормална дипломатска линија може да предизвика остра реакција од земјата домаќин. Можеби Дурмиши го знае тоа, но можеби и него знае, кога тврди дека албанскиот амбасадор во Скопје требало да ги застапува националните интереси, што значи и на Албанците во Македонија.

На наводната порака на министерот Хоџа вчера прво реагираше шефот на пратеничката група на опозициската Демократска партија, Газменд Барди. Нарекувајќи ја наводната изјава на Хоџа скандалозна и неприфатлива, Барди побара итна оставка од шефот на албанската дипломатија, посочувајќи дека таквата негова реторика го нарушува достоинството на Албанците поради што министерот не може да продолжи со извршувањето на неговите должности.

Тој додаде:

„Оваа изјава е достојна само за Никола Пашиќ или Васа Чубриловиќ (српски премиер и српски историчар – н. з.). Таквата реторика е спротивна на член 8 од Уставот на Република Албанија. Ферит Хоџа мора веднаш да поднесе оставка. Секое одложување е неоправдано. Премиерот  има политичка и институционална обврска да го разреши без никакво двоумење и јавно и јасно да се дистанцира од оваа навредлива и неприфатлива реторика, која потсетува на темната реторика од минатото против Албанците“.

Со слична порака се јави и лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, кој исто така побара оставка од министерот за надворешни работи Ферит Хоџа.

Бериша изјави дека ваквите изјави се антиалбански и биле на исто ниво со оние на македонските и српските ултранационалисти.

„Гангстерско однесување, антиалбанска и вулгарна изјава. Тој го изгуби секој елемент на националната свест и е изедначен со дивите српски и македонски ултранационалисти. Оставката е неопходен чин. Да ги наречеш македонските Албанци идиоти кои го бранат Пашиќ значи дека си полош од него“.

Имаше и реакции од други пратеници од опозцијата. Во некои од нив македонските Албанци се нарекуваат „Албанците од Илирида“.

Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија категорично ги негираше ваквите обвинувања, велејќи дека немаат никаква врска со реалноста. Портпаролот на министерството, Алтео Хиси, изјави дека „комуникацијата што се сервира на јавноста е непостоечка. Жално е што ваквите тврдења се измислени, а потоа засилени од политичките актери во земјата“.

Во Албанија изминатиот период владеат жестоки тензии меѓу опозициските партии и власта на премиерот Еди Рама.

Опозицијата бара итно формирање техничка влада која би ги организирала следните избори, обвинувајќи го премиерот Еди Рама за корупција, изборен инженеринг и за деградација на демократските процеси во земјата.