Нова пресвртница: Шведскиот парламент официјално го усвои намалувањето на штетата од пушењето како дел од својата политика за јавно здравје

Шведскиот парламент официјално го усвои намалувањето на штетата од пушењето како дел од својата политика за јавно здравје, откако Шведска во пракса докажа дека оваа стратегија е најефикасниот пат кон иднина без чад, објави „Business Wire“.
Шведска е првата земја што постигна статус на земја без чад, бидејќи, според истражувањата, само 4,5 проценти од возрасните Швеѓани сè уште пушат. Според дефиницијата на Светската здравствена организација, една земја може да се смета за „земја без чад“ ако стапката на пушење кај населението е 5 проценти.
Ваков резултат не е постигнат со забрани и ограничувања, туку со долгорочен пристап што им овозможува на пушачите да се префрлат на помалку штетни алтернативи.
„Швеѓаните учествуваа во долгогодишен експеримент за намалување на штетата од пушењето, обезбедувајќи неоспорни докази дека замената на цигарите со производи што содржат никотин без чад значително ги намалува болестите поврзани со пушењето, инвалидитетот и прераната смрт, што носи огромни здравствени и економски придобивки“, рече д-р Делон Хјуман, лидер на иницијативата „Шведска без чад“.
„Со тоа што намалувањето на штетата сега е официјална политика во Шведска, секоја одлука поврзана со јавното здравје ќе го одразува овој пристап. Другите земји треба да го прифатат шведскиот модел без понатамошно одложување,“ вели Хјуман.
Ова значи дека Шведска сега ќе даде приоритет на поддршка на пушачите да се префрлат на помалку штетни алтернативи како што се оралните никотински производи и други алтернативи без чад, наместо да се фокусира само на намалување на целокупната употреба на тутун, објавува „Business Wire“.
Законот усвоен од парламентот во декември 2024 година наведува дека „јавните политики за тутун мора да ги земат предвид различните штетни ефекти на различните производи. Цигарите претставуваат поголем ризик по здравјето од производите со никотин без чад… Ова мора да се одрази во оданочувањето и целите на политиката“.
Конкретно, државата интегрираше систем на оданочување заснован на релативниот ризик на производите, намалувајќи ги акцизите на оралните никотински производи и другите алтернативи без чад, додека истовремено ги зголемила даноците на цигарите. На овој начин, беше создадена финансиска поддршка за преминување кон производи со значително помали здравствени ризици.