„Нова економија“: Инцидентот како оној со српскиот патник во авионот на „Рајанер“ не е единствен


Скршениот прозорец на авиoнот на „Рајанер“

Инцидентот во кој српски патник беше делумно извлечен низ скршен прозорец на авион на „Рајанер“ е само еден од 56-те инциденти и несреќи регистрирани на патнички летови во светот од почетокот на 2024 година, објави „Нова економија“.

Од нив, 12 се однесуваат на летови на нискобуџетни авиокомпании, покажуваат податоците на базата „Авиејшн сејфти нетворк“ (Aviation Safety Network).

На летот од Солун за Меминген, дел од моторот на патничкиот „Боинг 737 НГ“ се откина за време на летот и го скрши прозорецот до кој седеше Љубиша Каровиќ. Иако инцидентот заврши без фатални последици, привлече огромно медиумско внимание поради високата опасност и невообичаеност.

Сличен инцидент, но со трагичен исход, се случи пред неколку години на лет на американската нискобуџетна компанија „Саутвест ерлајнс“ (Southwest Airlines). На „Боинг 737-700“ дојде до откинување на лопатка од вентилаторот во моторот. Делови од моторот го скршија прозорецот, а една патничка беше делумно извлечена низ отворот и загина.

Прашањето што се наметнува е дали овие два случаи кај нискобуџетни компании укажуваат дека ниските цени се постигнуваат на сметка на безбедноста.

Според податоците, во 2025 година во светот се регистрирани вкупно 191 авионски инцидент или несреќа, од кои 91 на патнички летови. Околу 20 од нив се случиле на летови на нискобуџетни компании.

Сепак, кога се зема предвид вкупниот обем на сообраќај, бројот на несреќи е исклучително мал, оценува за „Нова економија“ главниот уредник на порталот „Ex-Yu Aviation“, Лука Поповиќ.

– Нискобуџетните летови не се помалку безбедни. „Рајанер“ е најголемата европска авиокомпанија и навистина немаше многу безбедносни проблеми во претходните години, истакнува Поповиќ.

Тој објаснува дека ниските цени кај овие компании се постигнуваат преку намалување на трошоците за услуги и комфор, а не на безбедност. Патниците дополнително плаќаат за чекиран багаж, избор на седиште, храна и други погодности. Компаниите, исто така, користат субвенции од локалните власти и аеродроми за да отворат нови линии, со цел да се поттикне туризмот.

„Рајанер“ располага со флота од над 600 летала, претежно „Боинг 737 НГ“ и „МАКС“ модели. Од друга страна, „Виз ер“ (Wizz Air) користи исклучиво авиони од марката „Ербас“ со просечна старост од околу 4,2 години.

Поповиќ посочува дека новите модели авиони носат одредени ризици во почетниот период, бидејќи често се откриваат проблеми кои производителите подоцна ги отстрануваат.

– Постои дебата дали новите модели се целосно безбедни. Сметам дека треба да помине извесно време за технологијата да се покаже во пракса – вели тој.

Според него, турбуленциите стануваат сè поголем проблем поради климатските промени, а сериозните несреќи обично се резултат на комбинација од повеќе фактори, а не само технички дефект.

– За авионските несреќи слушаме токму затоа што се ретки – заклучува Поповиќ. (МИА)