Нов систем за наплата на Терминал 2 на аеродромот „Софија“


Од 9 јануари започнува примена на нов систем за управување со сообраќајот пред Терминал 2 на аеродромот „Софија“, соопштија од управата на бугарскиот аеродром.

Возачите на патнички возила ќе имаат право на 10 минути бесплатен престој. За престој од 11 до 30 минути ќе се наплаќа 10 лева (околу 300 денари), додека за секој започнат час ќе се наплаќа 20 лева (околу 600 денари).

Системот е замислен да спречи неправилно паркирање и застои, како и да понуди флексибилни и удобни опции за престој.

„Се воведува концептот Kiss & Ride, зона за краток престој од 10 минути, каде што возачите можат да остават или да подигнат патници,“ информираат од аеродромот.

Возачите кои ќе го надминат дозволеното време, ќе плаќаат дополнителни такси. За лица со попреченост е предвиден бесплатен престој од 30 минути.

Автобусите за туристи имаат право на 30 минути бесплатен престој во зоната или на паркингот P8. Надминувањето на ова време ќе се наплаќа 30 лева за 31-59 минути и 40 лева за секој започнат час.