Нов кол-центар во Фонд на ПИОМ, бројот е 02/ 15 215

Во рамки на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија работи нов кол-центар. Повикувачкиот број е 02/ 15 215, а граѓаните може да се јават од 8 до 16 часот, од понеделник до петок.
Во кол-центарот, како што информира Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, граѓаните можат да добијат информации за статусот на предметот или поднесеното барање, како и информации за условите за стекнување на: старосна пензија, семејна пензија и инвалидска пензија, најнизок износ на пензија и остварување права со примена на меѓународни договори.
Можат да се добијат информации и за остварување права од Законот за работни односи: скратено работно време, промена на работно место,непосредна опасност од настанување на инвалидност, утврдување на својство на осигуреници (земјоделци), продолжено осигурување, упатени во странство и вработени во странство, посебни категории на осигуреници ( верски лица), остварување права за осигуреници со бенефициран стаж, задршки од пензија и услови за остварување право за сместување во пензионерски дом.
– ФПИОСМ со отворањето на новиот Кол центар прави уште еден чекор во насока на подобрување на услугите што ги дава, како и олеснување на пристапноста до информациите кои им се потребни на граѓаните, а се во негова надлежност, се наведува во соопштението.