Норвежанец поднесе жалба против ChatGPT откако му кажал дека ги убил двајцата негови синови

Норвежанецот Арве Хјалмар Холмен поднесе жалба против американската компанија OpenAI, која е креатор на алатката за вештачка интелигенција ChatGPT, откако ChatGPT тврдеше дека Холмен ги убил своите две деца.
Холмен, кој се смета себеси за личност како другите луѓе, без јавно изложување, побара од ChatGPT информации за себе, а потоа доби одговор дека ги убил своите синови. Имено, на прашањето кој е Арве Хјалмар Холмен, алатката за вештачка интелигенција одговори:
„Арве Хјалмар Холмен е Норвежанец кој го привлече вниманието поради трагичен настан. Тој беше татко на две момчиња, на возраст од седум и 10 години, кои беа пронајдени мртви во езерце во близина на нивниот дом во Трондхајм во декември 2020 година“.
Покрај тоа, ChatGPT изјави дека тоа е случај што ја шокирал нацијата и дека Холмен бил осуден на 21 година затвор. Во својата жалба до Норвешката управа за заштита на податоци, Холмен изјавил дека ова е целосно лажна приказна и дека одговорот на претходно споменатото прашање делумно содржи точни информации, имено за неговиот роден град, бројот на деца и разликата во годините меѓу неговите синови.
„Поднесувачот на жалбата е длабоко вознемирен од резултатите од пребарувањето на ChatGPT, кои би можеле да му наштетат на неговиот приватен живот доколку резултатите од пребарувањето се репродуцираат или некако протечат во јавноста“, се вели во жалбата поднесена од Холмен до организацијата за права на сајбер просторот Нојб.
Во жалбата е наведено и дека тој никогаш не бил осуден за никакво кривично дело и е совесен граѓанин. Понатаму, беше наведено дека со „клеветничкиот“ одговор е прекршена европската одредба за точност на податоците. Од OpenAI беше побарано да ги избрише неточните информации и компанијата беше казнета.
Алатките за вештачка интелигенција како ChatGPT се склони кон обезбедување лажни информации бидејќи се засноваат на модели кои го предвидуваат следниот најверојатен збор во реченицата. Во коментар за случајот од Норвешка, OpenAI нагласи дека продолжуваат да го подобруваат ChatGPT, дека сè уште ја разгледуваат жалбата на Холмен и уверуваат дека таа се однесува на верзијата на ChatGPT пред нејзиното подобрување, пишува весникот Гардијан.