И хотелот „Европа“ во Отешево во грандиозната книга „Социјалистички хотели“

Фотографот Елена Амабили документирала 153 хотели во 31 земја во монументален потфат за специфичното наследство


Влезот во хотелот „Европа“ во Отешево

 

Социјалистичките хотели беа објекти изградени од државата, наменети за владини службеници, обични граѓани, па дури и за повремени капиталистички гости од Западот. Денес, тие претставуваат фасцинантно наследство на една специфична советска или социјалистичка архитектонска, општествена и културна особеност.

Италијанката Елена Амабили, фотограф кој живее во Берлин, изведе еден грандиозерн потфат наречен „Социјалистички хотели“. Овој фотографски проект преточен во книга опфаќа 153 хотели во 31 земја и ја документира архитектурата на угостителството и одморот во Источна Европа и на постсоветскиот простор. Многу од тие хотели биле изградени во импозантни стилови: бруталистички и модернистички градби што ги истакнувале големината, функционалноста и моќта на државата. Понеобичните градби користеле мозаици, плочки и витражи како културни референци, со цел да ги одразат традициите на поединечните земји.

Овде за првпат е собран неверојатен спектар на примери: од величествените детали во стилот на социјалистичкиот реализам и неокласицизмот од сталинистичката ера (како што е „Интерхотел“ во Грузија) и советскиот модернизам што означи премин од раскош кон строги бетонски структури (хотел „Трајан“ во Романија), па сè до футуристичките градби што пркосат на гравитацијата (Куќата на писателите „Севан“ во Ерменија).

Меѓу овие примери е наведен и хотелот „Европа“ во Отешево на Преспанското Езеро.

За хотелот „Европа“ пишува дека е завршен во 1987 година и дека припаѓа на доцната фаза од југословенската архитектура на објекти за одмор. „Тој е замислен како продолжение на пејзажот, при што неговите тераси, волумени и заеднички простори ја следат конфигурацијата на теренот. Монументалниот влез – со бетонски раце што држат глобус опкружен со ѕвезди – ѝ давал на оваа архитектура, инаку внимателно вклопена во локацијата, една недвосмислена југословенска театралност; самиот глобус подоцна бил украден. По катастрофалниот пожар во 2005 година, комплексот е напуштен и постепено ограбен од својот ентериер и опрема, пред конечно да падне во состојба на руина“, пишува Амабили во книгата.

Замислен како место за повлекување наменето за писатели и интелектуалци, комплексот „Севан“ во Ерменија изграден под влијание на Баухаус во 1965 бил домаќин на личности како Осип Манделштам, Жан-Пол Сартр и Симон де Бовоар, нудејќи изолирано опкружување за креативна работа на брегот на езерото Севан.
Хотелот „Јештјед“ во Чешката Република, изграден во 1973, е дел од културното наследство на земјата запишано во листата на УНЕСКО

Со слабеењето на социјализмот, хотелите биле приватизирани и сè почесто подложувани на модернизација или дури и на уривање, за да бидат заменети со глобални брендови. „Социјалистички хотели“ претставува уникатен преглед на една современа советска архитектонска дијаспора, документирајќи ги преостанатите примери на овој феномен што исчезнува. Книгата содржи воведен есеј од реномираната авторка на дела за храна и патувања, Керолин Еден, експерт за регионот на поранешниот Советски Сојуз.

Опфатени земји: Абхазија, Албанија, Ерменија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Крим, Хрватска, Чешка, Естонија, Грузија, Германска Демократска Република, Унгарија, Казахстан, Косово, Киргистан, Латвија, Литванија, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Полска, Романија, Русија, Србија, Словачка, Словенија, Таџикистан, Приднестровје, Украина, Узбекистан.