Норвешка официјално ја повлече вакцината „АстраЗенека“ од програмата за вакцинација
Норвешка ја повлече вакцината „АстраЗенека“ од својата програма за вакцинација против Ковид-19, објави премиерката Ерна Солберг.
Солберг рече дека одлуката се темели на препораките на одборот на стручњаци и Норвешкиот институт за јавно здравство, кои препорачаа повлекување на вакцината „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“ од програмата за вакцинација поради ризикот од многу ретки, но сериозни нуспојави.
Норвешка, исто така, ја сопре вакцината „Џонсон и Џонсон“, но засега не ја исклучи од програмата за вакцинација, рече Солберг.
Владата ја разгледува можноста „Џонсон и Џонсон“, која допрва треба да почне да се применува во земјата, да ја понуди на оние кои сакаат да ја примат.
Норвешка престана да ја користи вакцината „АстраЗенека“ на 11 март поради мерките за претпазливост по појавата на случаи за згрутчување на крвта, меѓу кои имаше и смртни случаи. Досега 138.000 луѓе ја примија таа вакцина/
Данска ја повлече оваа вакцина од употреба пред повеќе од еден месец.