Норвешка до ЕУ: За гасот можете да сметате на нас


Норвешкиот премиер Гар Сторе го изјави тоа на средбата со белгискиот премиер Де Кро

 

Норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе денеска ги увери своите европски партнери за снабдување со енергија, еден ден откако Германија објави дека ќе го запре гасоводот „Северен тек 2“.

Премиерот рече дека додека Норвешка обезбедува 20 отсто од европските потреби за гас, земјата е посветена да продолжи да го прави тоа „со максимум од нашиот капацитет“.

Говорејќи на прес-конференција заедно со белгискиот премиер Александар де Кро, Гар Сторе истакна дека „испорачуваме максимум од нашиот капацитет, дури и малку повеќе. И ние ја одржуваме таа солидарност под предвидливи услови со нашите сојузници“.

Тој додаде дека Норвешка е „единствениот снабдувач на енергија за Европа одвнатре“, бидејќи земјата има пристап до единствениот пазар на ЕУ, иако не е земја-членка.

Запрашан дали Норвешка ќе ја засили одбраната долж својата руска граница во североисточниот дел на земјата, Гар Сторе рече дека „нема воена активност што сигнализира некоја посебна закана. Норвешка е очите и ушите на НАТО на север“.

Неговиот белгиски колега Де Кро предупреди дека ако има целосна инвазија на Украина, ќе има „следна фаза на санкции“ и дека „санкциите ќе бидат со уште поголем импакт“.