Нобеловите награди во знак и во сенка на пандемијата


Пионерите на вакцините против Ковид-19, организации за заштита на медиумската слобода, климатски активисти и челниците на белоруската опозиција се некои од фаворитите за овогодинешните Нобелови награди чија сезона почнува денеска.

Имињата на добитниците на наградите за медицина, физика, хемија, литература и мир кои пред 120 години ги основа шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел, како и
подоцна воведената награда за економија ќе бидат објавени во Стокхолм и во Осло од 4 до 11 октомври.

Иако списокот на добитници е строго чувана тајна, стручаците за Нобел велат дека истражувањата околу гласничката РНК, на која се темелат вакцините на „Фајзер/Бионтек“ и на „Модерна“, против Ковид-19 се голем фаворит за наградата за медицина или за хемија.

„Би било погрешно Нобеловиот одбор да не даде награда за технологијата мРНК за вакцините“, смета шведската новинарка за наука Улрика Бјоркстен.

Како можни лауреати ги наведе Каталин Карико од Унгарија и Дру Вајсман од САД, чии пионерски истражувања доведоа до првите мРНК вакцини.

Тие вакцини ги примија повеќе од милијарда луѓе ширум светот во напорите да се сузбие пандемијата од корона вирусот која однесе речеиси 5.000.000 животи.

Карико и Вајсман веќе добија повеќе награди, меѓу кои и Ласкеровата награда во САД, често сметана за претходница на Нобел.

Други подрачја кои можат да се закитат со Нобеловата награда се истражувањата за клеточна комуникација, истражувањата за функционалноста на имуниот систем, откритието на гените за рак на дојка, истражувањата на епигенетиката и отпорноста на антибиотиците.

Денеска, со доделувањто на Нобеловата награда за медицина се отвора овогодинешната сезона, а потоа следуваат наградата за физика во вторник, за хемија во среда, книжевност во четврток и во петок наградата за мир.