НЛБ банка со добивка од 11,4 милиони евра во првите шест месеци годинава


Фото: Б. Грданоски

Во првите шест месеци годинава НЛБ банка оствари нето добивка во износ од 705.377.000 денари (или околу 11,4 милион евра), за 26,8 отсто помалку во однос на истиот период лани, соопшти банката.

Во овој период банката работеше согласно усвоената Деловна политика, а од март 2020 прилагодувајќи го тековното работење на ново настанатата ситуација со пандемијата КОВИД-19, се со цел да се зачува високата ликвидност и солвентност, паралелно со непрекинато давање на услуги и финансиска поддршка на клиентите“, се вели во Анализата на финансиските резултати на НЛБ банка доставени до Македонската берза.

И во постојните околности, како што покажуваат резултатите од шестмесечниот финансиски извештај, банката ја зголеми билансната сума на 92.309.140.000 денари или за 4,7 отсто во однос на 31.12.2019 година, а вкупните кредити кај небанкарскиот сектор бележат зголемување од 3,4 отсто. Во овој период се зголемени и вложувањата во хартии од вредност кои изнесуваат 14.767.819.000 денари, за 35,3 отсто повеќе од крајот на 2019 како резултат на вложувања во еврообврзници.

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања во однос на претходната година се намалени за 8,4 отсто, додека вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) се поголеми за 5,2 отсто, а обврските по кредити се намалени за 23,3 отсто.

Нето каматните приходи, заклучно со крајот на јуни годинава се пониски за 1,5 отсто споредено со истиот период лани, при што приходите од камати се пониски за 4,1 отсто, главно поради пониски каматни приходи од секторот нефинансиски правни лица и вложувања во хартии од вредност, додека расходите по камати се пониски за 18,5 отсто главно поради пониски каматни стапки,преструктурирање на изворите во корист на средства по видување и намалување на расходи за субординирани обврски.

Нето приходите од провизии се пониски за 3,8 отсто споредено со истиот период претходната година, при што приходите од провизии се намалени за 2,1 отсто како резултат превземените мерки на Банката за олеснување на последиците од КОВИД -19 како што се укинување на надоместоците за електронско банкарство и ПОС терминали, како и пад кај приходите во доменот на картично работење поради намалената активност на клиентите во услови на криза.

Банката во овој период осстварила и повисоки наплати на претходно отпишани побарувања кај нефинансиски правни лица и население, што придонело останатите некаматни приходи да се повисоки за 74,1 отсто во однос на истиот период лани.

Вкупните приходи од работење се за 2,4 отсто повисоки од истиот период лани, а вкупните оперативни трошоци се намалени за 1,7 отсто при што трошоците за вработени се повисоки за 2,1 отсто, трошоците за амортизација  за 4,9 отсто, а останатите расходи од дејност се пониски за 6,8 отсто во однос на истиот период претходната година.