Њујорк Тајмс: Ако Трамп се разболи од Ковид-19 ќе биде голем удар за кампањата


Доколку во наредниот период претседателот на САД, Доналд Трамп, покаже симптоми и се разболи од Ковид-19, тоа ќе поттикне прашања дали неговото име треба да стои на гласачките ливчиња на изборите на 3 ноември, пишува денеска Њујорк Тајмс.  

Весникот наведува дека откако Трамп (74) објави дека се тестирал позитивен на корона вирус, тоа сега преставува закана за неговата изборна кампања против опонентот Џо Бајден, претседателски кандидат на демократите. 

-Дури и да не пројави симптоми, тој треба да се повлече од кампањата и да биде во изолација во текот на незнаен временски период, наведуvа весникот. 

Според весникот, позитивниот тест на корона вирус е сериозен удар за неговата политичка иднина, со оглед на тоа што тој се месеци ја потценуваше сериозноста на пандемијата, иако вирусот сеуште е опасен и убива најмалку 1.000 Американци дневно. Трамп повеќе пати повтори дека „вирусот ќе исчезне“. Убедуваше дека ситуацијата е под конрола, и инсистираше дека земјата го гледа крајот на кризата. Претседателот, исто така, ги потценуваше експертите и епидемиолозите и се исмеваше со нивните тврдења велејќи, дека тие грешат за сериозноста на ситуацијата.

Тој се исмеваше и со неговиот опонент Бајден зошто постојано носи маска во јавност, „гледам лицето му е покриено со голема маска“, рече неодамна тој. 

Трамп синоќа на Твитер објави дека тој и сопругата Меланија се позитивни на Ковид-19, наведувајќи дека двајцата одат во карантин. Позитивна на корона вирус била и неговата советничка, Хоуп Хикс, која деновиве за време на кампањата патувала со Трамп. Се претпоставува дека таа го заразила шефот на државата.

И  Белата куќа објави изјава од лекарот на американскиот претседател Доналд Трамп со која се потврдува дека претседателот и првата дама Меланија Трамп се позитивни на Ковид-19.

Во писмото со датум од 1 октомври, лекарот од Белата куќа Шон П. Конли вели дека добил потврда дека Претседателот и првата дама се позитивни на корона вирус.

Тој рече дека „и двајцата се добро во овој момент и планираат да останат дома во Белата куќа за време на нивното опоравување“.

Конли додаде дека очекува Трамп „да продолжи да ги извршува своите должности без нарушувања додека се опоравува“.