Њујорк размислува мртвите привремено да ги погребува во паркови


Медицинско лице на кус одмор пред болницата во Бруклин (Фото: ЕПА)

Мртовечниците се преполни, станува невозможно и справувањето со мртвите тела. Ерозија на поддршката на Доналд Трамп

 

Додека бројот на загинати од корона вирус во САД се искачи на 10.500, еден официјален претставник на Њујорк предупреди дека може да се воспостават привремени погребни места во градските паркови, а новите анкети покажуваат ерозија на јавната доверба во Доналд Трамп во справувањето со кризата.

Потврдените случаи во САД се 355.000 заклучно со понеделникот наутро. Бројот на загинати изнесуваше 10.427.

Многу болници низ САД се исполнети со целосен капацитет, а нови жаришта или потенцијалните жаришта изникнуваа во секој регион. Мапите со потврдени случаи покажаа жаришта од Атланта преку Нешвил до Индијанаполис.

Трамп во понеделникот наутро твитна „САД силни!“ и „Светлина на крајот од тунелот!“ со сите големи букви.

Но, новото испитување на јавното мислење на Универзитетот на Северна Флорида посочи дека гласачите во клучната држава за претседателски избори ја изгубиле довербата во претседателот. Мнозинството од 53 отсто од жителите на Флорида во анкетата не го одобруваат справувањето со кризата од страна на Трамп, а 58 проценти изјавиле дека не му веруваат на Трамп „да обезбеди веродостојни информации за корона вирусот“.

Највисоки претставници на администрацијата издадоа координирана порака за време на викендот дека САД се соочуваат со тешки недели во времето што доаѓа.

„Ова веројатно ќе биде многу лоша недела“, рече д-р Ентони Фаучи, највисок експерт за заразни болести во земјата.

Во Њујорк, претседателот на здравствената комисија на градскиот совет предупреди дека мртовечниците се речиси полни.

„Наскоро ќе започнеме со „привремен прекин“, соопшти на Твитер советникот Марк Левин. „Ова веројатно ќе се направи со употреба на њујоршките паркови за погребувања (да, читате точно). Рововите ќе бидат ископани за 10 ковчези по ред. Тоа ќе биде извршено на достоинствен, уреден – и привремен – начин. Но, тоа ќе биде тешко за њујорчани“.

Левин подоцна рече дека планот сè уште не бил пуштен во оптек. Градоначалникот Бил де Бласио им рече на новинарите: „Ние имаме капацитет за привремени погребувања – тоа е сè што ќе кажам.

„Не навлегувам во детали. Не мислам дека е супер работа да се зборува“.

Во главниот град на државата, Албани, гувернерот Ендрју Куомо се огради од идејата, велејќи дека нема да поддржи вакви планови.

Куомо објави дека бројот на загинати од коронавирус во најтешко погодената американска држава се искачил на 4.758 од околу 131.000 регистрирани случаи, но додаде дека дневната вкупна смртност била „ефективно рамна во последните два дена“, што претставува „ можно израмнување на кривата“ и врвот на појавата на заразата во Њујорк.

Куомо исто така извести за „анегдотски предлози“ дека hydroxychloroquine, лекот против маларија што го заговара Трамп, се покажал ефикасен во клиничките испитувања во градот. Тој рече дека конечни одговори за употребата на лекот во случаи на корона вирус ќе бидат потребни „неколку недели ако не и месеци“.

Куомо рече дека здравствениот систем во Њујорк работи во целост, но засега не треба повеќе рспиратори, клучните машини за луѓе тешко погодени од респираторната болест.

„Луѓето што ги изгубивме се луѓе што не можевме да ги спасиме“, рече тој. (Гардијан)