Нивата на Субрата Рој сега раѓа жито


Штип – Ако Штип живее од текстилот, Кочани од оризот, Кавадарци од грозјето, Овчеполието целата своја надеж ја има во квалитетната обработлива земја чии 22.000 хектари би требало да хранат половина Македонија. Ова подрачје од аспект на земјоделство е посебно интересно и поради фактот дека дел од овој простор е најголемото производно подрачје на сточна храна во државата, што индиректно има влијание на сточниот фонд, а преку него и на кланичната и млекопреработувачката индустрија во државата.

И градоначалникот Сашо Велковски потврдува дека во Општината Свети Николе, која според пописот од 2002 година на има 18.000 жители, земјоделството е темел на колку-толку добрата живеачка на луѓето, иако во помал дел е присутен и текстилот, но и друг вид индустрија.

– Аграрниот потенцијал на нашето подрачје е огромен. Во моментот нашите вредни земјоделци обработуваат 22.000 хектари плодно земјиште, а 19.000 хектари се пространи ливади и пасишта за многубројниот сточен фонд. Во општината имаме над 350 регистрирани земјоделски семејства и над 150 фирми чија основна дејност е земјоделството. Една четвртина од вкупниот број на вработени во општината, или околу 1.100 лица се вработени во оваа стопанска гранка – појаснува Велковски.

Во 2000 година, тогашното општинско раководство и Министерството за земјоделство иницираа давање на слободното државно земјоделско земјиште на користење. Идејата беше земјата која остана „празна“ со распадот на ЗИК „Овче Поле“ пред сè, да се даде на користење на вистински земјоделци кои ќе можат да живеат од својот труд на овчеполските ниви. Заинтересираните земјоделци, а ги имаше многу, можеа да добијат по пет хектари опфатени со Брегалничкиот систем за наводнување, или по десет хектари до кои не допираат водите од системот. Анализите укажуваа дека едно четиричлено семејство убаво може да егзистира од овие ниви. Но, што стана со овој процес?

– Тоа беше одлична идеја зашто процесот на доделување на земјоделско земјиште од страна на државата придонесе во голема мерка да се инвестира во земјоделството во нашата општина. Проектот на доделување на земјоделско земјиште и денеска е во тек, а ние во моментот имаме над 1.350 лица кои имаат склучено договори за негово користење. Тоа, во голем дел обезбеди социјална сигурност на голем број овчеполски семејства и придонесе квалитетното земјиште да не стои празно и да се обработува на квалитетен начин – укажува градоначалникот Велковски. Но, тоа не значи дека земјоделците од Овчеполието немаат свои проблеми. Нашиот соговорник вели дека најголем број од луѓето кои доаѓаат во неговиот кабинет да се жалат на нешто- се токму земјоделците.

– Нивните проблеми се различни и многубројни. Нашите земјоделци постојано се жалат на ниската откупна цена, на немање сигурен пласман на своите производи, на немање откупен центар во општината, на постојани дефекти на системот за наводнување и на зголемени цени на препарати за третирање на земјоделското земјиште. Во некои села земјоделците се жалат и на немање доволно земјоделско земјиште за обработување, што значи истите сакаат да ја зголемат површината за обработка и слично. Еден од проблемите се секако непристапните патишта до земјоделското земјиште , посебно во период на врнежи од дожд. Се прават напори и од Министерството за земјоделство и од општината да им овозможиме пристојни локални патишта до обработливите земјоделски површини. Силно сме посветени на решавање на овој проблем – вели нашиот соговорник.

Овој регион се „прослави“ со доаѓањето на Индиецот Субрата Рој кој доби над 5.000 хектари најплодно земјиште, вети изградба на фарми за 20.000 висококвалитетни молзни крави, млекарница и вработување на 2.000 лица. Како се развиваше приказната со Субрата, со првиот трактор на кој се качи ексминистерот Ставревски да ја заора првата бразда, е веќе апсолвирана приказна. Но, што стана со огромната плодна нива на Субрата Рој? Велковски вели дека тоа земјиште е дадено под концесија на повеќе земјоделски фирми кои истото го обработуваат домаќински и кое дава одлично производство на житарки.

Втората „слава“ на регионот му ја донесе одлуката на бившата влада да гради карго аеродром баш на местото што се смета за најголемо производно подрачје на сточна храна во државата. За таа намена беа одземени 600 хектари, а по десет години се виде дека карго аеродром никому не му е потребен, па земјиштето беше вратено на земјоделците од Мустафино, Врсаково и Ерџелија.

Најголемата овчеполска мака на земјоделците сепак е руинираниот регионален хидросистем Брегалница која беше пуштен во употреба во 1970 година со можност да наводнува 25.000 хектари плодни ниви од Виничко до Каратманово близу Велес. Во годините на транзиција системо, чија проценета вредност е 2,5 милијарди евра, стравотно се руинира, па и покрај поправките на него тој денес одвај наводнува 7.000 хектари. На „патот на водата“ Овчеполието е последната станица и тоа најмногу страда од распадот на системот.

– Проблемите со хидросистемот Брегалница се постојани. Имено, се работи за хидросистем кој опстојува близу 50 години. До пред една година во него не се инвестираше. Сега Министерството за земјоделство почна со инвестиции, а ние се надеваме дека големите загуби на вода низ руинираниот каналски систем наскоро ќе бидат значително намалени и Овчеполието ќе добие нова шанса благодарение на водата да произведува и повеќе и поквалитетно – порачува Велковски.

Давањето на земјоделското земјиште под концесија има и свои позитивни ефекти на буџетот на Општината. Согласно законските прописи, 50 проценти од плаќањето на концесиите за користење на земјоделско земјиште се враќа во општинскиот буџет. Тоа, пак, овозможува општината овие средства да ги вложува во инфраструктура и подобрување на условите за живот на сите граѓани од општината.

Иван Бојаџиски