Ниту еден сосед нема да го празнува Велигден
Православните христијани деновиве се на распетие. Растргнати се меѓу јавниот интерес, своето здравје и желбата на присуствуваат на литургија за Велигден. Иако минатата година мноштвото граѓани за Велигден место во црква завршија на шетање во Грција и други држави, за првпат во историја велигденската литургија треба да ја следат од дома и преку телевизија.
Иако има разлика во нијанси, ова е сликата што ќе биде видена за Велигден во сите православни земји, бидејќи во сите нив властите ги повикаа верниците да си седат дома, иако во повеќето не се затвораат црквите. По фотографијата на папата Франциско како седи во темнина на белиот плоштад во Рим и сам држи литургија, ниту една слика од овој православен Велигден нема да биде изненадување поради реалноста наречена корона вирус.
МПЦ деновиве објави дека литургиите ќе се држат во тесен круг, дека ќе се пренесуваат на телевизиите и на интернет, а граѓаните треба да го почитуваат полицискиот час. Сепак, МПЦ остана на традицијата причестата да се прави со една лажичка за сите, иако најави дека ќе ги дезинфицира иконите за верниците што ќе дојдат пред или по полицискиот час.
Во Грција, синодот дури предложи да се одложи литургијата за Велигден за 27 до 29 мај, а сега на 19 април да се затворат храмовите за верниците, иако не и за свештениците. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис пред два дена ги предупреди граѓаните дека сега е „најкритичната седмица“ и мораат да останат дома. Притоа направи паралела меѓу страдањата во пресрет на Велигден и жртвувањата со цел да се надмине „голготата на пандемијата”.
„Овој Велигден ќе го паметиме како Велигден на љубовта, но и на одговорноста. Ќе го поминеме разделени од нашите блиски. Знам дека е многу тешко. Не е во опасност нашата верба туку здравјето на верниците. Така ќе ја оправдаме вистинската порака на големиот празник, која што е победа на животот над смртта”, порача Мицотакис.
И покрај рестриктивните мерки, во Грција и овојпат ќе биде донесен Светиот благодатен оган од Ерусалим. Израел веќе изразил подготвеност да ги прими специјалните летови од православните држави со цел да го однесат огнот во Русија, Украина, Грција, Бугарија…
Но на Грците не само што ќе им биде забрането одењето во црквите, туку и одењето на плажа, во викендичките или кај роднините. Заменик министерот за кризен менаџмент, Никос Хардалијас, најави строги контроли на автопатите, на патарините и во пристаништата, со порака дека секој кој ќе се обиде да излезе на автопат и да отпатува за друг град ќе биде вратен, регистерските таблички ќе му бидат одземени за 60 дена и ќе плати казна од 300 евра. Исти мерки ќе важат за аеродромите, железничките станици и автобусите, каде што патниците ќе мораат да докажуваат дека се постојани жители кои се враќаат дома, а не патуваат некаде. И покрај тоа, премиерот изјави дека „Грција не е полициска држава и верува во моќта на убедувањето“, односно дека граѓаните ќе сфатат дека рестрикциите на движењето за Велигден се во нивен интерес. Стелиос Пецас, портпаролот на владата, изјави дека граѓаните разбираат дека ова е ситуација без преседан каква што немало никогаш досега и дека не можат да прават тоа што го правеле вообичаено овој период.
„Нема да одиме во нашите цркви, за жал, но не е нашата вера таа што е на тест. На тест е нашето лично чувство за одговорност и нашата колективна зрелост. Посетите на пријателите, соседите или роднините не се предвидени“, порача тој.
Жалбата против забраната на верските служби за време на Велигден претходно ја отфрли Врховниот суд на Грција, па и покрена кривични пријави за двајца свештеници кои спровеле верски церемонии. Верските објекти останаа отворени само за одделни молитви, а високи претставници на Грчката православна црква ги повикаа луѓето да останат во своите домови.
Во Србија црквите не се затворија, но претседателот Александар Вучиќ ќе го убедува патријархот на СПЦ Иринеј дека не смее да има верници во објектите, откако свештениците ги повикаа активно да учествуваат во литургиите.
„Опасноста од вирусот и натаму е голема и ние не можеме да првиме исклучоци. Наша работа е да ги штитиме животите на луѓето и јас повторно ќе го повикам патријархот Иринеј за да го замолам службите да се одржат, но без присуство на луѓе. Сите телевизии, сигурен сум, ќе прават преноси и така ќе ги сочуваме нашите животи“, изјави Вучиќ.
По барањето на СПЦ да се донесе одлука за привремен прекин на забраната за движење и власта да овозможи присуство на верници за време на неделната Велингденска литургија, Вучиќ одговори дека ќе ѝ „предложи на владата полицискиот час за време на Велингденските празници да трае 84 часа“. Синодот на СПЦ бараше таа забрана да биде укината во недела на 19 април од пет до десет часа.
„Не сум теолог, но можам да изнесам личен став. Љуби го ближниот свој е христијанска порака, а која е поголема љубов во оваа ситуација од таа да не им наштетите“, порача покраинскиот секретар за здравство Зоран Гојковиќ.
Во Црна Гора исто така ќе се одржуваат литургии, но тамошната црква ги повика верниците да не доаѓаат на нив. Во Бугарија, премиерот Бојко Борисов веќе порача дека не може да ги затвора црквите, но првиот човек на Кризниот штаб Венцислав Мутафчиски ги повика верниците да не присуствуваат на литургиите за време на велигденските празници.
„Ова не е време за празнување. Не регистрирајте се во хотели. Не одете никаде, не одете на литургии во црквите, бидејќи таму ќе се заразите. Во Сеул 5.000 луѓе се заразија за време на црковна церемонија. Останете дома“, им порача Мутафчиски на Бугарите. Реално, место вообичаените големи литургии внатре во црквите со толпи луѓе сега само неколку свештеници ќе учествуваат на церемонијата на носењето на светиот оган од Ерусалим, а и тие ќе мораат да држат дистанца и да се дезинфицираат.
Исто како во Грција, и Бугарите кои нема да имаат „валидна“ причина да патуваат ќе бидат вратени назад на т.н. чекпоинти, т.е. места за проверка. Ваквите проверки ќе се прават на влезот и излезот од сите поголеми градови, што значи дека одењето од град во град ќе биде исклучена опција. Само испораки на храна, лекови или патувања заради работа ќе бидат дозволени во земјата, но бидејќи за Велигден никој не работи, отпаѓа и ова третото. Она што се сака да се спречи е да се заразат постарите, бидејќи тие се најбројните верници.
И во Русија црквите добија наредба да ги затворат вратите за поголеми групи луѓе за време на Велигден. Рускиот патријарх Кирил ги повика верниците да се молат од дома и да го избегнат одењето во црква. Но не сите свештеници се среќни со ваквата одлука и отворено заговараат саботирање на насоките од државните и црковни функционери. Во руските цркви и досега имаше мерки без преседан, при што една од нив го обележа подот со точки на одредено растојание, на кои може да застанат присутните верници. Верниците без маски беа враќани, а чашите за причеста се стерилизираат во алкохол, додека виното се дели во чаши за еднократна употреба.
Објаснувајќи зошто треба да се следат мерките на властите еден од свештениците оцени дека ова е „уникатна можност да се фокусираат на вистинското значење на распнувањето на Исус без да го трошат вниманието на прозаични работи како велигденските јајца“. Но, не се сите воодушевени од изјавата, а еден верник почна да му вика: „Кои сте вие за да ме држите надвор од црквата?“ Други пак посочија дека во супермаркет изброиле над илјада луѓе и од нив само третина имале маска, но тоа е економија и никому не му паѓа на ум да го затвори. Аргументите за отворање одат до таму што се посочува црквата како психотерапевт за сиромашните, додека од другиот табор тврдат дека станува збор за ментална ригидност и дека има повеќе начини да се изрази христијанскиот идентитет.
И во Хрватска за време на празникот изминатиот викенд беа забранети одржувањата на мисите во верските храмови, додека во Романија претседателот ја критикуваше одлуката на министерот за внатрешни работи да ги релаксира рестрикциите на движење околу Велигден, иако генерално масовните верски церемонии се забранети во земјата. Тој ги повика Романците да останат дома.
„Драги Романци, без оглед што велат другите, јас ќе ви го кажам истото што го велат докторите, што го велат експертите, министерот за здравство и истото што го вели СЗО. Останете дома! Во спротивно по празникот ќе имате погреби“, порача романскиот претседател. Министерот пак побарал светиот леб да биде поделен на специјално подготвени места со почитување на препорачаната оддалеченост, а верниците да не бидат во групи поголеми од тројца. (Р.Н.)