Ништо од политичка влада во Бугарија, пропаднаа и последните преговори
Откако изгледаше дека четири партии во собранието се на чекор до конечно формирање на политичка влада во Бугарија, во неделата тие неочекувано пропаднаа околу несогласувањето кој треба да биде следниот премиер.
ГЕРБ на Бојко Борисов објави дека ги завршува преговорите за формирање влада со нејзиниот мандат како најсилна партија.
„Со Демократска Бугарија не е постигнат договор за персоналниот состав на идната влада и за името на кандидатот за премиер. Ова стана јасно на денешната средба на преговарачките тимови на ГЕРБ, Демократска Бугарија, БСП и ИТН на средбата во собранието“, соопштија од партијата на Бојко Борисов.
Демократска Бугарија (која на изборите настапи во коалиција со Продолжуваме со промената) не се согласува новиот кабинет да го предводи Росен Желјасков, кој е еден од најдоверливите луѓе на Борисов уште кога тој беше градоначалник на Софија.
„По одбивањето на Демократска Бугарија да ја поддржи првата номинација на ГЕРБ-СДС во личноста на Бојко Борисов за премиер, ГЕРБ-СДС го номинираше Росен Желјасков. Денеска Демократска Бугарија ја отфрли и втората номинација. Како резултат на тоа ГЕРБ-СДС ги прекинува преговорите“, соопштија од партијата.
Многу веројатно дека тоа ќе значи да се оди на уште едни предвремени избори оваа пролет, бидејќи веројатноста вторите на изборите, коалицијата Продолжуваме со проманата – Демократска Бугарија, да најдат поддршка за нивниот владин состав е нула.