„Нишки договор 2“ или Цариградски суд?
Македонските владици ќе бидат ставени меѓу два избора, меѓу некаква нова, втора, варијанта на Нишкиот договор и меѓу Вселенската патријаршија, како судска инстанција во чиишто раце е издавањето на томосот за автокефалност
За манастирот „Ѓунис“ кој е во Нишка епархија на Српска православна црква, во близина на Крушевац, во македонската јавност малку се знае. Досега, немало причина. На интернет лесно ќе се најдат податоци за овој женски манастор посветен на Покровот на Пресвета Богородица. Според преданието на тоа место Богородица му се прикажала на тринаесетгодишното девојче по име Милојка Јоциќ од Ѓунис, се појавил и изворот на вода за која Богородица претскажала дека ќе лекува луѓе. А за да укаже на местото каде треба да се подигне црквата фрлила стомна со вода на камен… Натаму следи подигање на црква, создавање манастир, а според сведочењата, каменот се зголемува.
Секако, интересно сведоштво за манастир во којшто неодамна се сретнале поглаварите на Македонската и на Српската православна црква г.г Стефан и Порфириј, заедно со придружниците. Да, како што на оваа место доаѓаат луѓе со проблеми, и тие да ги решат. Тоа е таа средба по која српскиот владика Фотиј рече дека била оптимистичка, дека по неа може да се очекува „враќање на МПЦ во канонско единство“, но и средба која ѝ претходеше на чинот на признавањето на МПЦ-ОА како канонска црква од Вселенската патријаршија, со кое СПЦ се упатува да ги реши „управните спорови“ со нашата Црква.
Средбата е значајна бидејќи на неа, очигледно, нешто се случило. Фактот дека за неа знаела и Вселенската патријаршија (ВП), која залудно двапати ја викала СПЦ да дојде на средба со неа и со МПЦ во Цариград токму околу овој проблем. Оттаму и дилема, дали сето било координирaно. СПЦ е испочитувана од страна на Вселенската патријаршија, спорот остана во нејзиниот „атар“ и сега таа треба да реши како ќе ги решава „управните спорови“ со македонските владици.
А главен управен спор е барањето за автокефален статус на МПЦ-ОА. Подготвени ли се српските владици да го прифатат тоа? До скоро категорично не беа, сега веќе е прашање. Но, да не се прејудуцура и да се почека крајот на мајскиот Собор на СПЦ кој започнува на 15, а завршува на 23 мај. Ако се суди според изјавата на српскиот владика Фотиј и според соопштенето од Синодот на МПЦ, преговори ќе има. Како и досега, тие можат да имаат само два епилога: со конкретен резултат или без него.
Од она што го кажа владиката Фотиј како да провејува оптимизам од српска страна. А во ситуација кога тие добро знаат дека за македонска страна не е прифатлива широка автономија тогаш, извесно, ќе се понуди нешто ново. Што? Автокефалност? Самостојност? Самоуправа? Употреба на уставното име на МПЦ-ОА, а не само на Охридската архиепископија?…
Сето ова може да биде спакувано во српскиот предлог бидејќи тие добро знаат што побудува најмногу емоции кај македонската страна. Нормално е дека е прашањето дали она што го нуди СПЦ ќе биде и прифатливо за македонските владици, но и за Вселенската патријаршија која треба да го издаде конечниот томос за автокефалност? А таа јасно кажа дека не се прифаќа употребата на зборот „Македонија“ во никаков дериват.
Очигледно е дека некаков предлог е „спакуван“ на средбата во Нишка епархија. Може ли да се нарече „Нишки договор 2“, а кој доаѓа по оној што беше прво прифатен а потоа отфрлен од македонските владици? А дека македонската страна сериозно се занимава со тоа сведочи и изјавата на владиката Тимотеј, кој за Глас на Америка отворено кажа дека СПЦ е таа која треба да ја предложи автокефалноста, но кажа и тоа дека „ние не сме заинтересирани да не бидеме признати од Москва“! Таа била најголема православна земја и најголем православен народ.
Што произлегува од ова? Тоа дека ќе се води сметка и за ставовите на Руската православна црква, којашто е во војна со Вселенската патријаршија и која веќе кажа дека таа извршила упад во јурисдикцијата на Српската православан црква? А тоа значи дека одлуката на ВП за наше прогласување за канонска црква не се прифаќа, не е легална, практично, неважечка. Односно, значи дека црковната Москва ќе биде координирана со црковен Белград за тоа каков ќе биде нивниот предлог, а кој, сигурно, ќе биде таков да не биде прифатлив за Вселенската патријаршија со оглед на сегашните односи меѓу православните цркви.
Значи, не треба да се има дилеми дека СПЦ ќе ја отфрли одлуката којашто ја донела Вселенската патријаршија, бидејќи со тоа би ѝ дала легитимитет и за она што досега го направила во Украина и, можеби, што ќе го направи утре во Црна Гора со барањето за самостојна Црногорска православна црква. Но, нема да изостане и добро „спакуваната“ понуда за Македонската црква која „не може да се одбие“, односно, која ќе нѐ стави во искушение дали и натаму решавачка улога да има Вселенската патријаршија.
Таа улога на Вселенската патријаршија, односно, нејзината судска одлука веднаш ќе стапи на сцена доколку се случи одбивањето на СПЦ да ни ја даде црковната автокефалност. Српските владици се свесни на тоа, свесни се и за барањата коишто Вселенската патријаршија ќе ги испорача до МПЦ-ОА за да ни биде издаден томосот за автокефалност и поради тоа сега се готви предлогот.
Македонските владици, практично, ќе бидат ставени меѓу два избора, меѓу некаква нова, втора, варијанта на Нишкиот договор и меѓу Вселенската патријаршија, како судска инстанција во чиишто раце е издавањето на томосот за автокефалност. Можеби, по онаа историска одлука на 9 мај кога МПЦ-ОА стана канонска црква и дел од православното семејество, одлуките кои допрва ќе бидат носени ќе бидат не помалку историски.
(Бранко Ѓорѓевски е новинар и авторитетен познавач на црковните прашања)