Нина Ангеловска: ДДВ се враќа најбрзо што може


Фото: Б. Грданоски

Министерството за финансии ќе направи се што може Данокот на додадена вредност да се враќа што побрзо кон фирмите со цел да се заштити и да се подобри нивната ликвидност, рече денес министерката за финансии Нина Ангеловска. Во текот на овој месец веќе се исплатени односно вратени кон фирмите 1,6 милијарди денари ДДВ.

„Оваа недела пристигнуваат нови налози и ќе продолжиме навремено да го извршуваме повратот на ДДВ“, рече министерката, по работниот состанок со претставници од прехранбениот сектор во Министерството за економија на кој беа и министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Царинската управа Ѓоко Танасовски. На средбата станало збор за мерките коишто ги донесе Владата за поддршка на бизнисот за справување со последиците од вирусот Ковид 19.

Министерката Ангеловска, одговарајќи на новинарски прашања рече дека мерките што ги донесе Владата се во вкупен износ од околу 30 милиони евра и дека се водат разговори со сите меѓународни финансиски институции да се обезбедат дополнителни средства под поволни услови.

„Ако погледнеме во апсолутни износи Австрија на пример издвојува еден отсто до БДП за помош на стопанството, некои земји како Германија и повеќе – околу 3 отсто. Кај нас, ако се земе предвид големината на БДП, тоа би било околу 100 до 120 милиони евра кои што треба да ги стави државата, да ги втурне во стопанството како помош. Доколку ги собераме износите од објавените мерки, околу 20 милиони евра се субвенциите на придонесите, околу 10 милиони евра е за данокот на добивка. Тоа се веќе 30 милиони евра помош“, рече Ангеловска.

Министерката нагласи дека помошта може да достигне до 100 милиони евра.

„Преговараме со сите меѓународни организации, со Европската централна банка, со ММФ, со Светската банка, гледаме да ги изнајдеме најдобрите и најповолни средства кои ќе може да ги ставиме на располагање за да го помагаме стопанството. Веќе зборуваме за износ од околу 100 милиони евра“, рече таа додавајќи дека во Министерството за финансии постојано се прават анализи и процени за износот на помошта и начинот како таа да се распредели со цел, како што кажа тоа да се направи на оптимален начин „со цел буџетот да го издржи таквиот притисок, бидејќи мора да ја држиме ликвидна и државната каса, како и бизнис секторот и граѓаните“.

Околу можноста да се одложат обврските кон банките во период од три месеци , Ангеловска рече дека потребно е да се направи процена на ризиците од страна на Централната банка и процена на ликвидноста.