Николоски: Згадено ми е да зборувам за избори!


Власта се обидува да го релативизира документот на Бугарија кој стана составен дел на одлуката на Европскиот совет за Македонија и со кој документ директно се подриваат темелите на македонската држава –  македонскиот јазик, македонската историја и македонскиот народ, обвини денес Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, тоа релативизирање има за цел да го стави проблемот под тепих и сите да се однесуваат како да не постои.

„Да се игнорира, но прашањето е до кога? Веројатно до јуни и следниот состанок на Европскиот Совет кога ќе биде усогласена преговарачката рамка за пристапни преговори со Македонија и овие услови ќе станат официјален дел од барањата на ЕУ во преговорите за членство, што ќе значи дека нема да може Македонија да стане член на ЕУ се додека не се откаже од македонскиот јазик, македонскиот народ и македонската историја“, изјави на прес-конференција Николоски. Тој повика  „на разум и државнички однос“ кон овој проблем.

„Повикувам на овој проблем да се пристапи многу одговорно. Потребен ни е заеднички одговор. Потребно е да се изгради заедничка позиција која ќе биде достоен одговор на обидите за бришење на македонскиот јазик и народ. Таа позиција треба да е изградена во согласност помеѓу сите клучни политички и општествени фактори, а истата да ја одразува сегашната состојба и да е обврзувачка во сегашната и за секоја идна Влада. Нам како држава итно ние е неопходно да создадеме заеднички усогласена надворешна политика, како и стратегија за национална безбедност“, порача Николоски.

Според него, овие два документи треба да се прифатени од сите политички партии и да бидат основа на работата на секој иден министер за надворешни работи, министер за внатрешни работи и министер одбрана, како и директорите на безбедносните агенции, без разлика од која политичка партија се. И без разлика од која влада понатаму би биле именувани.

Запрашан за партиски став околу евентуални избори, Николоски одговори дека приоритет број еден во моментот е заштита на здравјето на граѓаните, а приоритет број два  е заздравување на македонската економија.

„Нам ни е жал што СДСМ не го прифати нашиот повик за лидерска средба и се кусогледи. Мислам дека во моментов не сфаќаат колку голем проблем пред Македонија е надвиснат, и здравствен и економски,  и тоа е основниот приоритет зошто треба да има лидерска средба. Втората причина ја кажав денес, тоа е заеднички усогласен одговор и стратегија во однос на условувањето на Бугарија за почеток на преговори за членство во ЕУ. Ова се доволни два поводи за политичките лидери да дискутираат и усогласат ставови. Во однос на изборите кажав и пред неколку дена, кажа и претседателот на партијата, тие не се во првите три приоритети на партијата. Навистина е нечовечки и дегутантно ова што го прави СДСМ, во услови кога секој ден имаме нови болни од корона вирус, во услови кога секој ден семејства во Македонија ги губат своите најблиски во битка со вирусот да се зборува за избори. Мислам дека прво е непристојно, а потоа е нечовечки и навистина ми е згадено да дискутирам за оваа тема“, рече Николоски.