Николоски најави повеќе возови на релација Куманово – Скопје
Владата и Железници – Транспорт работат на зголемување на линиите меѓу Скопје и Куманово, бидејќи цените на билетите се далекува поевтини, најави денеска од Куманово, вицепремиерот и министерот за транспорт, Александар Николоски. Тој истакна дека минатата недела стартуваше градскиот воз во Скопје, а веќе ефектите се добри. Досега оваа линија ја имаат користено 1.500 патници и тоа за само три дена.
– Очекувам навистина, во едно брзо време да стигнеме до 100.000 патници кои го користеле градскиот воз. Вториот проект е меѓуградски воз помеѓу Скопје и Куманово. Знаете дека пилот има и во моментов, двапати дневно сообраќа воз на линија Нова железничка станица – станица Куманово. Работиме заедно со Железници – Транспорт на интензивирање и зголемување на фреквенцијата, затоа што цените се далеку, далеку поевтини-вели Николоски.
Вицепремерот Николски истакна дека во моментов билетот за патување со воз од Куманово до Скопје и тоа во еден правец е 87 денари, а во двата првци е 140 денари. Жителите на Куманово кои патуваат со воз до своите работни места или до факултетите во Скопје месечно ги чини 1.850 денари.
-Што е далеку поевтино од кој било друг превоз кој што може да се најде. Да не зборувам дека кога се патува со возило или со автобус, не знаете кога ќе стигнете, колку ќе има гужва и така натаму. Така што возот дефинитивно е најбрзо средство за комуникација, најевтино, а и најеколошко, и ќе правиме силна промоција во следниот период да се користи-изјави Николоски кој присуствуваше на примопредавање на нови комунални возила во Куманово.