Никнува седумкатница на местото на поранешен „Кинг бургер“ во Центар

Деновиве за урива некогашната сендвичара „Кинг бургер“ на булеварот Климент Охридски во центарот на Скопје, а на нејзино место ќе се гради зграда на седум ката. Градилиштето е веќе оградено и поставена е табла на која стојат податоци за градбата. Градежната дозвола од Општина Центар е издадена на 14 ноември 2024 и според неа, ќе се гради станбена зграда на приземје, шест ката и поткровје, пишува СДК.
Сендвичарата „Кинг бургер“ пред дваесетина години беше меѓу најпопуларните места за брза храна во Скопје. Откако беше затворена, со години објектот стоеше празен и запуштен. Пред неколку години во напуштениот објект изби пожар.
Од Општината велат дека градежната парцела е дел од Деталниот урбанистички план за градска четврт Ц 04, Дом на градежници, донесен на 28 јануари 2021.