„Ние остануваме“, Полјаците протестираа за поддршка на ЕУ
Повеќе од 100.000 Полјаци демонстрираа во неделата за поддршка на членството во Европската унија, откако Уставниот суд донесе одлука дека делови од правото на ЕУ се некомпатибилни со полскиот устав, што предизвика загриженост дека земјата на крајот може да го напушти блокот, пренесува Ројтерс.
Политичарите ширум Европа изразија вознемиреност од пресудата на Уставниот суд на Полска во четвртокот, за која сметаа дека е поткопување на правниот столб на кој стои 27-члената ЕУ.
Според организаторите, протести се одржаа во над 100 градови низ Полска и неколку градови во странство, при што 80.000-100.000 луѓе се собраа само во главниот град Варшава, вееја полски знамиња и знамиња на ЕУ и извикуваа „Остануваме“.
Доналд Туск, поранешен шеф на Европскиот совет и сега лидер на главната опозициска партија Граѓанска платформа, рече дека политиката на владејачката партија Закон и правда (ПиС) ја загрозува иднината на Полска во Европа.
„Знаеме зошто сакаат да ја напуштат (ЕУ)… за да можат неказнето да ги прекршат демократските правила“, рече тој, говорејќи пред кралскиот замок во Варшава, опкружен со илјадници демонстранти, опкружени со полициски комбиња.