Ни во Стразбур не се знае кога ќе биде донесена пресудата за аболицијата на Иванов

Од Судот во Стразбур за „Независен“ изјавија дека „сѐ уште нема фиксиран датум кога ќе биде испорачана пресудата или одлуката за овие случаи“


 

Во Стразбур сѐ уште нема фиксиран датум кога ќе биде објавена пресудата околу аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, која може да ги спаси од повеќе години затвор водечките функционери на ВМРО-ДПМНЕ ако биде прогласена за легитимна. Најавите беа дека пресудата ќе биде донесена есенва, а деновиве проструи и информација дека веќе се знае, но сѐ уште не се објавува.

Нил Колони од прес-службата во Судот за човекови права во Стразбур го негираше тоа за „Независен“.

„Случаите се процесуирани од Судот. Сѐ уште нема фиксиран датум  кога ќе биде испорачана пресудата или одлуката за овие случаи“, изјави тој за „Независен“.

Пресудата ја чекаат и со неа се засегнати десет функционери од времето на ВМРО-ДПМНЕ , меѓу кои Сашо Мијалков, Никола Груевски, Гордана Јанкуловска. Миле Јанакиески, Владимир Талески, Едмонд Темелко, Тони Јакимовски, Кирил Божиновски, Киро Тодоровски… Сите тие покренаа спор во Стразбур со кој бараат од Судот за човекови права да пресуди дека кривичниот прогон треба да запре, бидејќи помилувањето кое го добиле од поранешниот претседател не може да се повлече.  

На 12 април 2016 година поранешниот претседател Ѓорге Иванов објави дека аболицирал вкупно 56 лица повикувајќи се на членот 11 од Законот за помилување, кој беше избришан од правниот поредок на Македонија. Членот 11 беше „жив“ сѐ до 2009 година, кога беа донесени законски измени со кои беше избришан, а по барање токму на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш владата на ВМРО-ДПМНЕ  тврдеше дека членот 11 му овозможува на претседателот да се меша во судската власт и дека така бил спасен Зоран Заев од кривичен прогон и така Борис Трајковски ја аболицираше Доста Димовска за аферата со прислушувањето. Членот 11 седум години беше надвор од перавниот поредок додека Уставниот суд не реши наменски да го оживее укинувајќи ги измените од  2009 година, со што му подготви терен на Иванов за аболицијата. Експертите тогаш оценија дека аболицијата е ништовна, бидејќи е заснована на непостоечка правна норма, па исто како да не е донесена. 

Доколку судот во Стразбур одлучи да ја потврди аболицијата на Иванов најголем ќар од неа би имал Мијалков, но генерално многу од случаите на СЈО ќе продолжат и некои од изречените судски пресуди нема да бидат засегнати од одлуката. Така, во предметот „Таргет-Тврдина“ за кој  беше осуден на 12 години затвор, Мијалков би се спасил за едно од кривични дела за кои се гони, бидејќи е аболициран за „злоупотреба на службената положба и овластување“, но не и за „злосторничко здружување“, па место 12 години, изречената затворска казна ќе се сведе на 5 години. Случајот „Титаник 2“ би продолжил да тече, бидејќи Мијалков не е помилуван за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“ за коешто се гони. Тој веќе беше осуден на три години затвор, но првостепената пресуда падна на Апелацискиот суд, по што судењето почна од почеток.

Груевски добил седум решенија потпишани од Иванов, кои половично ќе му завршат работа, бидејќи ќе мора да одлежи две години за набавката на луксузниот „мерцедес“ од 590.000 евра, односно за случајот „Тенк“, што не е опфатен со аболицијата. За „Титаник“ Груевски се гони за три кривични дела, но и да помине аболицијата со сигурност би продолжило да му се суди барем за едно кое не е опфатено со решенијата. Исто така, тој не  би се спасил ниту од судењето за „Талир“ и „Талир 2“, за кои немаше аболиција, освен за  „Насилството во Центар“, за кое беше осуден на една и пол година затвор.

Позитивна одлука на Стразбур не би ја спасило ниту Јанкулоска за случајот „Тенк“, за кој одлежува 4-годишна затворска казна, но  ќе престане да ѝ се суди за случајот „Титаник“ во кој е обвинета за четири крвични дела, а ќе се спаси и од 4-годишната казна за случајот „Таргет-Тврдина“, бидејќи е аболицирана за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Рекордерот по дадени аболиции е Јанакиески, кому Иванов му потпишал дури 16 решенија, но против него се водат најмногу предмети во Кривичниот суд. Со позитивна одлука од Стразбур за аболицијата и  понатаму би продолжило да му се суди за „Траекторија“, а половично би се спасил од предметите „Титаник“ и „ТНТ“. (Н.В.)