Незири: Курти ги расипа односите со Црна Гора и Албанија, па тргна да ги расипе и со Македонија
Љуфти Незири, потпретседател на Демократскиот сојуз на Косово изјави дека косовскиот премиер Албин Курти откако ги расипа односите со Албанија и Црна Гора конфронтирајќи се со премиерите Дритан Абазовиќ и Еди Рама, со неформалната посета од локален карактер во Скопје, потоа и во Тетово, ги расипа и односите со Македонија.
-Со своите „излети“ Курти се обидува да се наметне како некаков албански лидер, што тој и не е, ама и настојува да ја покрие својата неуспешна политика, а уште повеќе да ги покрие аферите во Косово поврзани со него и неговото Самоопределување. Курти може да е само идеолошки, но никако национален лидер, нагласува Незири.
-Курти имаше потреба од ваква агенда во рамките на неговите политички идеи за обединување на Албанците во регионот, но политичкиот мотив е подлабок. Станува збор за затворање на аферите и скандалите што избувнаа на Косово, поврзани со енергетиката, државните резерви и старите алатки и средства. Таа посета во Македонија не е на премиер на Косово, туку на лидер на партија. Неговите изјави таму предизвикаа раздор бидејќи тој отворено застана на страната на новата опозиција. Да не заборавиме дека Курти го поддржа господинот Зијадин Села на последните избори. И за време на таа посета имаше многу дебата. Курти прави обид за идеолошка коалиција, надвор од државниот протокол, рече Незири.
Приштина преку Курти создава криза со соседните земји, нагласи Незири и тоа го илустрираше со расипувањето на односите со премиерите на Црна Гора и на Албанија, Дритан Абазовиќ и Еди Рама.
„Сега тој го направи истото и во Северна Македонија, манифестирајќи силна поддршка за новата опозиција. До пред неколку дена Скопје беше единствената врска за Курти. Тој ги наруши односите со Абазовиќ, а посетата на Еди Рама ја сметаше за проопозициска што направи ескалација на односите меѓу двете земји. И последната посета на Тетово и Скопје го става Косово во извештаите за продуцирање на криза. Приштина произведува криза и води лоша политика притоа користејќи ја албанската заедница, рече Незири и нагласи дека состојбата на северот од Косово ја користи и дека во таа смисла регионите во јужна Србија на Прешево и Бујановац му служат за политички цели.
Крешник Спахиу, албански аналитичар за Еуроњус Албанија изјави дека косовскиот премиер Албин Курти има за цел да ја урне Владата во Македонија. Обидувајќи се да стане албански лидер сега е концентриран на Македонија, откако неговите обиди во Албанија да ја урне владата поминаа неславно, вели Спахиу.
На прашањето од новинарката зошто Курти отиде во Македонија на настани од само локален карактер и во неофијален ангажман, Спахиу рече дека Курти се обидува да направи сојуз со опозиција.
„Откако се обиде да ја урне владата на Тирана, тој се обидува да ја урне и владата во Скопје. Албин Курти знаеме, ‘влезе’ на изборите во Тирана, отворено бараше власт во Албанија, ама ‘излезе’ со 300 гласа. Увидувајќи дека не успеа зашто практично немаше поддршка од гласачите во Албанија, Курти се обидува да создаде политички конфликт правејќи сојуз со опозицијата во Северна Македонија“, нагласи Спахиу.
Тој уште додава дека не е законски забрането да прави сојуз со Сали Бериша (поранешен албански премиер и опозициски лидер, н.з.) или со опозицискиот фактор во Македонија, но додава дека од албански национален интерес би било добредојдено да се прави сојуз со сите партии.
Инаку, тетовската полиција веќе четири дена го бара лицето кое го вееше знамето на т.н. „Голема Албанија“. Дали ќе има одговорност и за организаторите односно градоначалниците на Чаир и Тетово што на настаните не беа испочитувани законите и протоколите за пречек на странскиот гостин е неизвесно. Партиите од албанскиот политички блок, вклучувајќи ги и владејачките ДУИ и Алијанса на Албанците – не се оградија, ниту извинија од чинот кој се толкува како територијална претензија кон други држави. Обвинителството пак, ќе ги гони Касами и Ганиу за неистакнувањето на македонското знаме и неинтонирањето на македонската химна на настаните со Курти – само ако добие кривична пријава.