Невремето го поплави Меѓународниот аеродром Скопје- патниците газеа низ вода


Силното невреме проследено со пороен дожд и оркански налети на ветер попладнево предизвика поплава и во објектот на Меѓународниот аеродром Скопје. На видеоснимки објавени на социјалните мрежи се гледа како дождовницата навлегла во дел од терминалот и ги поплавила просториите низ кои се движат патниците. Водата се разлева по подот, додека присутните се обидуваат да ги избегнат поплавените делови.

Засега нема официјални информации дали поплавата предизвикала прекин или доцнење на авионскиот сообраќај, ниту дали има материјална штета во терминалот.

Силното невреме проследено со пороен дожд и силен ветер што попладнево го зафати Скопје предизвика материјални штети во повеќе делови од градот. Пријавени се паднати дрвја и искршени гранки, оштетена инфраструктура, блокирани улици, а во општина Гази Баба е оштетен и кровот на основното училиште „Наум Наумовски Борче“.

Поради состојбата, повеќе скопски општини ги активираа своите кризни штабови и ги мобилизираа службите за заштита и спасување.