Невладеењето на правото може да ја „потопи“ ЕУ


Претседателот на Европскиот суд на правдата, Коен Ленаертс, не се сомнева дека бурата околу владеењето на правото во ЕУ може да го потопи проектот за обединета Европа.Брегзит, бомбастичната одлука на германскиот суд и демократското назадување во Полска и Унгарија го ставија ЕСП во центарот на невидена политичка борба која одбива да згасне.

Во интервјуто за Политико, Ленаертс силно возврати на сугестиите дека ЕСП бил ангажиран во грабање моќ, тврдејќи дека судот едноставно ги почитувал обврските од договорот за заштита на правните основи на блокот. Тој истакна дека, иако некои земји-основачи на ЕУ би можеле да сметаат дека овластувањата на Унијата сега еволуирале подалеку отколку што првично очекувале, тој предупреди дека поновите членки, како Полска и Унгарија, не можат да се правдаат со тој аргумент бидејќи последиците од членството беа далеку појасни кога тие влегоа.

„Авторитетот на Судот на правдата и приматот на правото на ЕУ беа оспорени во различни земји-членки не само од политичари, туку и од одредени уставни судови“, рече Ленаертс. „Ова е исклучително сериозна ситуација која го загрозува опстанокот на европскиот проект во неговата сегашна форма“, додаде тој.

Овие обвиненија за грабање моќ доаѓаат од различни делови на континентот, но се сведуваат на истиот аргумент.Од Брегзит во Британија до Полска, судиите во Луксембург се прикажани од политичарите и медиумите како технократска елита која посегнува по суверенитетот на избраните лидери со премногу широко толкување на неговите овластувања.Во пркосната пресуда минатата година, германскиот Уставен суд во Карлсруе ја отфрли одлуката на ЕСП да се дозволи купување обврзници на Европската централна банка, велејќи дека тоа „го отвора патот за континуирана ерозија на надлежностите на земјите-членки“.

Додека германскиот случај подоцна беше решен, Полска во октомври упадна низ вратата што ја отвори судот во Карлсруе, бидејќи полскиот уставен трибунал сметаше дека клучните одредби од главниот договор на ЕУ се судираат со – и не треба да преовладуваат над – полскиот устав. Трибуналот  е под контрола на владејачката партија во земјата.

„Се чини дека Судот на правдата измислува нови надлежности на ЕУ“, рече полскиот премиер Матеуш Моравјецки пред Европскиот парламент. „Одредбите од Договорот кои ги штитат овластувањата на националните влади „би биле ништовни доколку Судот на правдата треба да одлучи каде е линијата на поделба“, рече Моравјецки.

Можеби позагрижувачки се неодамнешните изјави на француските политичари од десниот центар, вклучително и поранешниот преговарач за Брегзит, Мишел Барние и Валери Пекрес, претседателскиот кандидат на конзервативната партија Les Républicains на изборите во април следната година.

„Нашите уставни закони, нашиот уставен идентитет, секој од нив, секоја суверена држава, мора да имаат приоритет над европската јурисдикција“, рече Пекрес во октомври.

Иако често овој проблем се претставува како конфликт околу „приматот“ на правото на ЕУ наспроти националното право, нема сомнеж дека онаму каде што ЕУ има овластувања со договорите, законите на блокот треба да преовладуваат. Последниот арбитер е Европскиот суд на правдата, кој има врховно овластување да го толкува правото на ЕУ.

„Секогаш звучи импресивно да се зборува за приматот и некои земји-членки да го критикуваат тој принцип“, рече Ленаертс. „Но, тоа е всушност шуплива реторика. Единственото реално прашање е дали Унијата има надлежност или не“, вели тој.

Таа надлежност се прошири со текот на годините откако Европската економска заедница прерасна во политичка унија. Но, како што се зголемуваше опсегот на овластувањата на ЕСП, така се зголемуваа и критиките на кои тој е подложен.

„Земјите-членки во договорите пренесоа толку многу надлежности во последователни бранови на Унијата“, рече Ленаертс. „Се повеќе и повеќе надлежности му се доделуваат на судот што допираат општествено чувствителни теми како што е верскиот плурализам“, рече тој.

Во случајот со Полска, Ленаертс ги повтори коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон кој го нарече спорот за владеење на правото со Варшава „проблем на независноста на правосудниот систем“, наместо еден од приоритетите на правото на ЕУ.

„Се разбира, надлежност на секоја земја-членка е да го организира своето судство како што ѝ одговара. Но, земјите-членки не смеат да ја поткопаат независноста и непристрасноста на судиите“, рече Ленаертс.

Независноста на судството е главно прашање во споровите за владеење на правото на ЕУ со Полска и со Унгарија. ЕСП во октомври ја удри Варшава со рекордна дневна казна од 1 милион евра поради непочитување на судската наредба во врска со реформите во судството.

„Наша должност е да кажеме: Сите ние сме обврзани со истите основни вредности утврдени во членот два од Договорот за Европската унија, кој вклучува владеење на правото и почитување на човековите права“, рече Ленаертс. „Значи, тоа не е грабање моќ. Тоа е само заштита на основата на која почива Договорот, договорот меѓу земјите-членки“, рече тој.

Друго прашање е дали земјите од ЕУ, кога се согласија да основаат или да се приклучат на унијата, целосно сфатија колку далеку тоа ќе ги однесе. И програмите на ЕЦБ за купување обврзници и независноста на судството, на пример, се области од  надлежност на земјите каде што ЕУ традиционално не се осмелува да се меша.

„Судот ја користи двосмисленоста во Договорите за да ги испита судствата на земјите-членки на начин што не можеше да го предвидат во 1992 година“, вели Даниел Сармиенто, професор по право на ЕУ  во Мадрид.„Значаен број земји-членки во моментов сфаќаат дека контролата на назначувањето судии стана политика на ЕУ“, додаде Сармиенто.

Ленаертс призна дека можеби било тешко за земјите да го предвидат опсегот на нивните ангажмани во ЕУ.

„Можеби имате поента дека некои лидери можеби не биле целосно свесни за опсегот на овие принципи и тоа е често случај. Кога поединци се согласуваат со договор, често се случува една од договорните страни подоцна да каже: „Почекајте, тоа не е токму она што го имав на ум“.

Но, во случајот со Полска, Ленаертс инсистираше на тоа дека е од суштинско значење за другите земји на ЕУ да веруваат дека полското судство е независно и непристрасно, бидејќи националните судови се потпираат на судовите во други земји за да екстрадираат криминалци или осомничени, на пример.

„Она што ни е важно се минималните барања што треба да ги исполнат националните судски системи за да ја гарантираат меѓусебната доверба меѓу овие системи. И тоа директно следи од Договорот од Амстердам од 1997 година“, рече тој.

Ленаертс, исто така, истакна дека обвинувањата за грабање моќ имаат уште помалку смисла за земјите што се приклучија на ЕУ во 2004 година (како што се Полска и Унгарија) или подоцна, бидејќи сите тие го прифатија акумулираниот дел од правото на ЕУ кога влегоа во блокот. „Секоја држава што ќе влезе во ЕУ ја прифаќа унијата каква што е во тоа време“, рече тој.

Фрагментираниот политички пејзаж на ЕУ не им ја олеснува работата на судиите, бидејќи тие сè почесто мораат да толкуваат текстови кои се нејасни за да се овозможи политички компромис.

„Улогата на судот е да ги спроведе изборите направени од законодавниот дом на ЕУ, кои се избалансирани политички одлуки, и да овозможи да функционираат, без да влече премногу во една или друга насока“, рече тој, додавајќи дека „судот е судски, а не политички чинител“.

Запрашан дали жали што Брисел сè повеќе му доставува жешки компири на Луксембург, Ленаертс рече: „Никогаш не жалиме ако некој случај не се води пред судот, но ако се покрене случај, тогаш судот треба да одлучи за него. Ако не можете да ја издржите топлината, останете надвор од кујната“.

Ленаертс, инаку, е белгиски професор по право, кој ја започна својата судска кариера во септември 1989 година, неколку недели пред падот на Берлинскиот ѕид, беше на првата линија на оваа еволуција. Ленаертс се пресели во највисокиот суд во 2003 година и стана негов претседател во 2015 година, функција на која беше реизбран за трет мандат во октомври. (Политико)