Нетфликс ќе го укинува делењето на лозинките
Нетфликс започна со тестирање на функција што ги прашува гледачите дали споделуваат домаќинство со претплатник, во потег што може да доведе до сузбивање на широко распространетата практика на споделување лозинки меѓу пријателите и семејството.
За некои корисници на Нетфликс се вели дека добиле порака во која ги прашуваат да потврдат дека живеат со сопственикот на сметката со внесување код вклучен во текстуална порака или е-пошта испратена до претплатникот.
„Ако не живеете со сопственикот на оваа сметка, потребна ви е своја сметка за да продолжите да гледате“, се наведува во пораката.
Досега на гледачите им беше дадена можност да ја одложат проверката и да продолжат да го гледаат Нетфликс.
„Овој тест е дизајниран да помогне да се осигури дека луѓето што користат сметки на Нетфликс се овластени да го сторат тоа“, рече портпаролот на Нетфликс.
Нетфликс претходно изјави дека нема ништо против практиката корисниците да ги споделуваат своите лозинки, а Рид Хестингс, коосновач на компанијата и ко-извршен директор, рече дека нема „планови“ за сузбивање на оваа работа.
„Споделувањето на лозинка е нешто со што треба да научите да живеете затоа што е легитимно споделувањето на лозинка, како што споделувате со сопругата, со своите деца“, рече тој, зборувајќи во 2016 година.
Според условите за користење на Нетфликс, деталите за сметката „не треба да се споделуваат со лица надвор од вашето домаќинство“.
Истражувачката фирма „Магид“ процени дека околу третина од корисниците на Нетфликс ја споделуваат својата лозинка со некој друг.
Студија на Cordcutting.com во 2019 година покажа дека има повеќе од 40 милиони сметки на Нетфликс за главните услуги за стриминг кои ги „позајмуваат“ корисниците што не плаќаат на глобално ниво. (Според агенциите)