„Нетфликс“ дава поголеми плати: Колку заработуваат ѕвездите во Холивуд?


САД – Холивудските ѕвезди му должат на „Нетфликс“ големо „благодарам“.

Компанијата која овозможува гледање филмови онлајн ги зајакнува пакетите за најпознатите актери во филмскиот бизнис во време кога студијата стануваат сè поскржави во пишувањето дарежливи чекови. На пример, Рајан Рејнолдс доби 27 милиони долари за филмот „Шесто подземје“, филм на Мајкл Беј за милијардерски финансиран одбранбен тим, а Дензел Вашингтон побара 30 милиони долари за да го предводи акциониот филм за компанијата пред да реши да ја одбие улогата во корист на други проекти. Инсајдерски информации велат дека Вашингтон никогаш не побарал одредена плата. Вил Смит најверојатно ќе добие 35 милиони долари од „Нетфликс“ во замена за неговото повторно појавување во улога како полицаец во „Светли 2“.

Наспроти тоа, тие суми се поголеми од она што повеќето традиционални филмски студија се подготвени да им платат на ѕвездите. Смит и Мартин Лоренс своевремено барале 20 милиони долари по филм, но и двајцата актери ги намалуваат побарувањата за да успеат да го снимат „Лоши момчиња засекогаш“. Исто така, Том Круз можеби заработувал 20 милиони долари во средината на 90-тите години, но за да ја повтори својата легендарна улога на Маверик, авијатичарот кој ги кршеше правилата во „Топ Ган: Маверик“, тој ќе заработи релативно скромни 12 милиони долари до 14 милиони долари. Дури и големите франшизи не плаќаат како некогаш.

Платите во „Нетфликс“ доаѓаат со една голема забелешка. Ѕвездите немаат никаков удел во успешноста на филмот. Ако на потрошувачите им се допаѓа филмот, го гледаат често и ги охрабруваат своите пријатели да го гледаат, исто така, платата на актерите останува иста. За студискиот филм како што е неодамнешниот хорор-хит „Ние“, Лупита Нјонго можеби има договорено мала сума за нејзината улога, но тој износ ќе изнесува неколку милиони долари до времето кога филмот ќе ги заврши кино и домашните проекции, благодарение на дарежлив договор за добивање процент од заработувачката.

За повеќето проекти, договорите на актерите предвидуваат дека ќе добијат процент од добивката. Во ретки случаи, главната ѕвезда ќе добие она што се нарекува бруто од прв долар, што е дел од приходите во студиото пред филмот да има долгови. Бидејќи филмовите на „Нетфликс“ немаат широка кинодистрибуција и компанијата добива најголем дел од приходите од претплати, а не од продажба за домашно гледање и лиценцирање, слична форма на споделување на профитот не е изводлива. Платите на „Нетфликс“ имаат тенденција да бидат поголеми како одраз на таа реалност.

Понекогаш самите ѕвезди се тие што се подготвени да работат за помалку, а не само студијата што диктираат помали суми. Ансел Елгорт бара 5 милиони долари за комерцијални ангажмани, но тој заработува помалку од тоа за да добие шанса да работи со Стивен Спилберг на „Приказна од западната страна“. И Дикаприо и Бред Пит земаа околу половина од она што обично го бараат, или 10 милиони долари по човек, да се спојат за филмот на Квентин Тарантино „Си било еднаш во Холивуд“. Во тие случаи, соработката со некои од најталентираните филмаџии во бизнисот е доволна награда.

Иако „дебелите“ плати од минатото може се помали и помалку на број, некои актери сè уште можат да побараат и да добијат големи компензациски пакети или да видат дека нивните плати се зголемуваат со зголемувањето добивката на нивните филмови. Двејн Џонсон, една од ретките преостанати ѕвезди чие име е доволно за да се гарантира успешна промоција на филм, рутински заработува 20 милиони долари или повеќе за неговите големи акциони филмови, а Роберт Дауни Џуниор ја наплати својата моќ од улогата на Ајронмен со 20 милиони долари за „Патувањето на доктор Дулитл“, научно-фантастичен филм за кој се надева дека ќе инспирира франшиза. И додека можеби на Гал Гадот ѝ беше исплатено ситно за да ја одигра улогата на „Вондер вомен“ во 2016 година, за „Бетмен против Супермен: Зора на правдата“, таа ќе добие 10 милиони долари за да ги носи препознатливите нараквици на нејзиниот лик во „Вондервоман 1984“. Овие филмови ја претворија Гадо во главна ѕвезда, и таа конечно е соодветно платена. Другите актери, како што е Марго Роби од „Грабливи птици“, заработуваат повеќе бидејќи не се појавуваат само како актери во филмовите – тие исто така ги продуцираат.