Нетанјаху: Израел нема да дозволи Иран да развие нуклеарно оружје

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Израел нема да дозволи Иран да развие нуклеарно оружје, прецизирајќи дека извршил безброј „отворени и прикриени“ акции кои ја уназадиле иранската нуклеарна програма за „речиси една деценија“.
Ова е прва изјава на Нетанјаху за Иран откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги почна преговорите со Техеран во обид да склучи нов ирански нуклеарен договор.
– Како што многупати изјави премиерот – Израел нема да дозволи Иран да се здобие со нуклеарно оружје, се вели во соопштението од кабинетот на Нетанјаху.
– Премиерот предводеше безброј акции, отворени и прикриени, во борбата против иранската нуклеарна програма, без која Иран денес би имал нуклеарен арсенал. Тие акции ја вратија иранската нуклеарна програма речиси една деценија назад, се додава во соопштението.
Западните земји, предводени од САД, се сомневаат дека Иран сака да се здобие со нуклеарно оружје. Техеран ги отфрла тие обвинувања и го брани правото на нуклеарна енергија за цивилни цели, особено за енергија.
Иран и САД, кои немаат дипломатски односи од 1980 година, минатата сабота ги одржаа првите разговори, со посредство на властите во Оман, за иранската нуклеарна програма.
Втората средба на официјалните претставници на двете земји е закажана за в сабота во Рим.