„Непријателско преземање“: Драма во Warner Bros., реагираше и Трамп
Компанијата „Ворнер брос“ (Warner Bros. Discovery) денес ги повика своите акционери да ја отфрлат понудата на „Парамаунт“ (Paramount) за „непријателско преземање“ бидејќи верува дека потенцијалната трансакција нема целосна гаранција од милијардерите Лари и Дејвид Елисон, кои го контролираат „Парамаунт“.
Непријателското преземање е процес на стекнување контрола врз компанијата, спротивно на желбите и без одобрение од нејзиното сегашно раководство, каде што потенцијалниот купувач директно им се обраќа на акционерите и им нуди да ги продадат нивните акции со цел да стекне мнозинство, а со тоа и контрола врз менаџментот.
„Ворнер брос“ тврди дека Лари и Дејвид Елисон постојано ги заведувале акционерите за време на претходните обиди за преземање, објавува Њујорк тајмс.
Не се сигурни?
Одборот на „Ворнер брос“ вели дека финансирањето на понудата на „Парамаунт“ е неизвесно бидејќи самата компанија е мала (15 милијарди долари), а фондот на Елисонс, кој стои зад понудата, може да се промени и не гарантира одредено плаќање.
Сепак, „Парамаунт“ тврди дека фондот има средства од над 250 милијарди долари и претходно учествувал во слични зделки.
Американската продуцентска компанија „Нетфликс“ објави на почетокот на декември дека постигнала конечен договор со компанијата „Ворнер Брос. Дискавери“, според кој ќе го преземе филмското и ТВ студио „Ворнер Брос.“ , вклучувајќи ги ХБО (HBO и HBO Max), за 82,7 милијарди долари, од кои 72 милијарди долари се капитал.
„Ворнер Брос. Дискавери“ ја отфрли понудата на „Парамаунт“ од 108 милијарди долари за преземање уште во октомври, но „Парамаунт“ не се помири со таа одлука и започна процес на непријателско преземање.
„Парамаунт“ им тврди на акционерите дека нивната понуда обезбедува поголема вредност и побрзо завршување на трансакцијата.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека евентуалното спојување на „Нетфликс“ и „Ворнер Брос. Дискавери“ „може да биде проблематично“ поради големиот пазарен удел што би го имала новата компанија и додаде дека ќе се консултира со „некои економисти“ пред договорот да добие негово одобрение.
Во случај „Ворнер Брос. Дискавери“ да се откаже од договорот со „Нетфликс“ и да избере друг купувач како што е „Парамаунт“, ќе мора да му плати на „Нетфликс“ отштета од 2,8 милијарди долари.