Ковачевски: Постигнат е договор за минимална плата од 18 илјади денари

За да се постигне овој износ ќе биде потребно и вклучување на државата преку одредени субвенции, што државниот буџет ќе го чини 16 милиони евра


Премиерот Димитар Ковачевски вечерва соопшти дека е постигнат договор за минимална плата од 18.000 денари. Со мерката се опфатени околу 80 илјади вработени. Соодносот меѓу минималната плата и просечната плата не треба да биде помал од 57 отсто.

Постигнавме договор и со Сојузот на синдикати и со работодавачите со кој 80 илјади граѓани ќе се извлечат над прагот на сиромаштијата. Почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18 илјади денари. Оваа сума значи раст на нето платата на овие работници за околу 45 евра месечно, рече Ковачевски.

Договорот беше постигнат на денешните разговори меѓу социјалните партнери во рамки на Економско-социјалниот совет.

Оваа мерка ќе ја чини државата 16 милиони евра на годишно ниво.

Ковачевски појасни дека зголемувањето на минималната плата на 18 илјади денари ќе почне да се исплаќа на почетокот на април и дека е мерка која во најголема мера ги опфаќа вработените во микро и малите претпријатија, во трговијата, преработувачката индустрија и други важни индустрии во земјата.

„Мерката е всушност продолжение, односно дополнителна поддршка за овие дејности кои беа помогнати низ целата Ковид – 19 криза“, рече премиерот.

Тој нагласи дека е постигната уште една важна согласност, односно дека се менуваат и критериумите за методологијата за годишно усогласување на минималната плата – со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од просечниот раст на трошоците на живот.

„Третиот критериум е новина – висината на минималната плата нема да може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика. Со ова стануваме предводници во Европа според делот на минималната плата во просечната плата“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека очекува мерката позитивно да влијае и на платите во другите индустрии со што ќе се подобри стандардот на сите граѓани.

Со договорот работодавачите ќе го покријат целокупното нето зголемување на платите за своите вработени кои се на минимална плата. Државата пак, ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од сегашната минимална плата од 15.200 до онаа која ќе се исплаќа за март од 18 илјади денари.

„Среќен сум и задоволен што можам да соопштам дека постигнавме договор и со Сојузот на синдикати и со работодавачите“, објави Ковачевски на Фејсбук веднаш по завршување на состанокот.

„80.000 наши сограѓани, работници во различни индустрии, почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18.000 денари. Оваа сума, означува раст на нето платата на овие работници за околу 45 евра месечно. Ветивме и реализираме мерки кои директно го помагаат животниот стандард. Во исклучително кризна година, година на европски и светски кризи, остануваме фокусирани на финансиска поддршка на граѓаните“, истакна Ковачевски.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски, не криејќи го задоволството, рече дека по макотрпна борба која ја опиша како „одлучна, суштинска и егзистенцијална“ појасни дека во новата методологија нема да се зема во предвид растот на домашниот бруто-производ. БДП до сега според него правел големи негативни ефекти, особено како во минатата година кога растот беше минус 0,7 проценти.
Димовски рече дека ќе има и доследна примена на членот 8 кој што вели дека и сите други плати
согласно законите, коефициентите и колективните договори ќе се зголемат.
„Значи, добивката денес не е само за минималната плата, туку и зголемување на сите останати плати согласно колективните договори“, рече тој, додавајќи дека е договорено во наредниот период а е отвори дебата и во однос на регресот или К-15 за јавниот сектор.
„Им се заблагодарувам денес дури и на работодавачите затоа што не беа себични и не не попречија за оваа минимална плата и за скалестото зголемување на останатите плати и бидејќи ја согледаа навистина егзистенцијалната потреба за работникот да преживее и достоинствено да живее во оваа држава, а не да ја напушта“, рече Димовски.

Од Организацијата на работодавачи истакнаа дека ја поздравуваат одлуката на Владата за зголемување на минималната плата. Истовремено, како што нагласија, „мора да кажеме дека ова е нова одлука за нас, со нови методологии и нов пристап“.
„Од таа причина ќе мора дополнително да го консултираме нашето членство и дополнително да излеземе со став по однос на реперкусиите на минималната плата врз нивното работење и врз процесите на продуктивноста на работењето во иднина“, посочи претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајковска.