Нема ширење на заразата на експерименталниот концерт во Шпанија


Научниците во Шпанија не пронајдоа доказ за зголемено ширење на заразата со корона вирус меѓу луѓето кои минатиот месец учествуваа на голем експериментален концерт.

Шест лица се заразиле со корона вирус по 14 дена од концертот во Барселона, но инциденцата е помала од онаа кај општата популација, пишува Би-би-си.

Околу 5.000 луѓе учествуваа во експериментот откако добија негативен тест на корона. Носеа маски, но не мораа да држат дистанца.

Од шесте заразени по концертот научниците за четири заклучиле дека се заразени на друго место, а не на концертот.

Борис Револо, виролог кој учествувал во дизајнирање на безбедносните протоколи во арената „Палау Сент Жорди“, вели дека не може категорично да исклучи дека двајцата од шестмината заразени не се заразиле на концертот, но дека голема е можноста преносот да се случил на друго место, пренесе Дојче веле.

„Мерките кои ги спроведовме беа многу сигурни“, додаде тој.

На концертот двојно помала стапка на зараза
Шпанските власти дозволија концерт на групата Love of Lesbian како дел од експериментот за ширење на вирусот, а стапката на зараза меѓу учесниците е двојно помала од онаа кои ија имаат луѓето на иста возраст во Барселона, открија истражувачите.

„Ништо не сугерира дека преносот на вирусот се случил во текот на настанот“, вели вирологот Жозеп Мариа Либре, пред новинарите.

Бендот се заблагодати на организаторите на настанот и на научниците.

Концертот беше еден од најголемите собири во Европа од почетокот на пандемијата, во момент кога земјите ширум севтот се затвораат со цел спречивање на ширењето на вирусот.

Местото на одржување „Палау’ може да прими 17.000 луѓе, но на 5.000 присутни не им беше дозволено да се качат на трибините, туку останаа само на подиумот.