Нема проблеми со вакцината АстраЗенека. Токму спротивното
Многумина во Германија, и пошироко, се скептични во однос на вакцината АстраЗенека, па дури и одбиваат да се вакцинираат, бидејќи сметаат дека не е доволно ефикасна. Сепак, овие сомнежи не се оправдани.
Факти
Во клиничките испитувања се покажа дека по првата доза, британската вакцина има ефекасност од најмалку 76 отсто, и ако втората доза се дава 12 или повеќе недели подоцна, оваа ефикасност се зголемува дури и на 82 проценти. Друга студија утврди дека вакцината трајно ја намалува концентрацијата на вируси во организмот, што може да го забави ширењето на коронавирусот. Врз основа на овие податоци, препаратот е одобрен за употреба во многу земји низ светот.
Честопати има недоразбирања во толкувањето на нивото на заштита што го обезбедува вакцината. Ефикасност од околу 70 проценти значи дека 70 од 100 луѓе се заштитени од тешки форми на Ковид-19.
И најновата студија на шкотските здравствени власти покажува дека вакцината АстраЗенека дури ги надминала сите очекувања. Резултатите по првата инјекција се дури и подобри отколку со вакцината Фајзер/Бионтек. Досега во Шкотска 490.000 лица се вакцинирани со АстраЗенека и 650.000 се имунизирани со вакцината Фајзер/БиоНТек. Студијата, чии резултати треба да ги потврди независно тело, тврди дека по првата инјекција, вакцината АстраЗенека покажала 94 отсто ефикасност, а вакцината Фајзер 85 отсто. Ова значи дека ризикот од тешка форма на Kовид-19 е намален за 94 отсто, односно 85 проценти.
Една студија покажа слично висока ефикасност на АстраЗенека против мутацијата на коронавирус, откриена во Велика Британија. Според резултатите од оваа студија, вакцината обезбедува 75 проценти заштита од британската мутација.
Вакцината е помалку ефикасна против јужноафриканската мутација, но сепак обезбедува одредена заштита од неа. Ова се објаснува со фактот дека сите мутации се варијанти на оригиналниот вид на вирус против кој е развиена предметната вакцина. Можеби не ги препознава мутираните елементи на вирусот, но сигурно го напаѓа неговиот главен, изворен дел.
СЗО ја препорачува британската вакцина за сите луѓе постари од 18 години – дури и таму каде што веќе се идентификувани вирусни мутации. СЗО предупредува и дека вакцината е особено важна за луѓето со претходни болести како што се дијабетес, дебелина, кардиоваскуларни заболувања, респираторни заболувања. За луѓето кои страдаат од автоимуни болести или имаат ослабен имунолошки систем, потребно е дополнително истражување. Затоа, препораката до нив е да се вакцинираат по консултација со лекар.
Да не ги заборавиме и овие две важни предности на британската вакцина – таа е поевтина од вакцините на Фајзер/БиоНТек и Модерна и не треба да се чува на многу ниски температури.
Добри вести од Џонсон енд Џонсон
Во меѓувреме, претстои да се одобри друга вакцина против коронавирус – препарат развиен од Џонсон и Џонсон. Американската служба за контрола на лекови (ФДА) веќе објави дека оваа вакцина е многу ефикасна – по имунизацијата со неа, ризикот од тешка форма на Ковид-19 е намален за 85,9 отсто. Џонсон енд Џонсон вакцината, исто така, е високо ефикасна против бразилските и јужноафриканските мутации, а најдобрата вест е дека, за разлика од другите вакцини, од оваа вакцина потребна е само една доза. (Дојче веле)