„Нема ништо џабе Орце. Ни коњот со пет нозе“: СДСМ го критикува градоначалникот на Скопје


 

Орце Ѓорѓиевски се претвори во градоначалник на себепромоција а не човек што ги решава проблемите. „Добредојдовте кај Орце“, рече денеска на прес-конференција Кети Штерјова од СДСМ.

„Скопје денес е град во кој ништо не функционира, освен тендерите и личната промоција на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Наместо решенија за овие проблеми, добија билборд со коњ со пет нозе, Камен мост што личи на вијадукт и белградски храм сред Скопје.

Орце Ѓорѓиевски не се занимава со проблемите  на скопјани, не се занимава со јавниот превоз, со хигиената, со депониите. Се занимава со сопствената промоција“, рече Штерјова.

Таа пак ги постави прашањата на нејзината партија: Кој го изработил овој срамен билборд? Колку пари се платени? Дали некој ќе сноси одговорност за очигледно лошо извршената работа?

„Орце Ѓорѓиевски се обидува да ја убеди јавноста дека новото решение било бесплатно затоа што не го платил печатењето и поставувањето.

Но, ништо не е бесплатно. Јавното комунално претпријатие не работи бесплатно. Неговата работа ја плаќаат граѓаните на Скопје. Секој денар што се троши е денар од нивниот буџет.

Нема ништо џабе, Орце. Ниту AI-билбордите, ниту коњите со пет нозе. Сè е платено со парите на скопјани“, рече Штерјова.