Нема изгледи за зголемување на минималната плата, ССМ многу барал

Разочарувачки вести за работниците по денешната седница на Економско социјалниот совет, каде што не поминал предлогот на Сојузот на синдикати на македонија за зголемување на минималната плата. Како што изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, по средбата на синдикатите, работодавачите и Владата во рамки на ЕСС, тие дури биле искарани затоа што бараел многу.
„За жал големо разочарување, нема изгледи за зголемување на минималната плата. Тоа што го слушнавме внатре е дека ССМ многу барал, дека работниците многу бараат и дека им е доста, дека со тие плати треба да бидеме среќни што ги добиваме“, изјави Трендафилов.
Тој додаде дека на седницата на ЕСС имало обид да ги искараат затоа што многу се барале за работниците.
„Тоа што загрижува е што за неспремни да дискутираарт за растот на минималната плата беа подготвени и уедначени со ставовите и работодавачите“, рече Трендафилов.
Тој посочи дека работодавачите, за жал, сметале дека нема простор за зголемување на минималната плата и дека доволно ги плаќаат работницте, како и дека работниците не биле продуктивни.
„Колку нѐ плаќаат, толку сме продуктивни, колку повеќе ќе не плаќаат, толку повеќе ќе бидеме продуктивни“, рече Трендафилов.
Тој сепак посочи дека била прифатена иницијативата на ССМ да се разговара за платите на вработените во приватниот сектор, во јавниот сектор како и за растот на минималната плата.
„Меѓутоа работниците во Македонија изгледа премногу очекуваат, а кога очекувате премногу добивате големи разочарувања“, рече Трендафилов.
Првиот сидикалец рече дека до средината на идниот месец ќе имаат седница на Престедателството и на Советот на ССМ каде што ќе се одлучува какви понатамошни чекори ќе се преземат .
„Краткиот временски период кој го имаат на располагање пратениците и Владата до распишување на локалните избори не се охрабрувачки. Македонските работници веројатно дека ќе останат со најниска плата во регионот, односно под дното. Ако има дно, Македонија е под дното со платите“, рече Трендафилов.
Ставот на Владата е дека за зголемување на минималната плата мора да се земат предвид и други параметри и да не се дозволи зголемување на инфлацијата.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на прес-конференција по завршување на седницата, рече дека ова прашање било отворено по барање на Сојузот на синдикати, но дека како Влада нема да носат ад хок решенија како претходната влада.
„Беше побарано од ССМ да се стави како точка на дневен ред. Како Влада работиме на тоа да се подобри стандардот на граѓаните. Ако се усогласат синдикатите и работодавачите, ќе ги поддржиме, не може да држиме една страна. Во јавната администрација платите се зголемени, во образованието, здравството, полицијата. Нема да ги водиме политиките како претходната власт и да носиме ад хок решенија, треба да ја видиме и продуктивноста и не може да ја зголемиме инфлацијата“, рече Дурмиши.