Нема Евроазиска економска унија, туку милитантен руски империјализам

Зошто мнозинството од гласачите на Левица и и ВМРО-ДПМНЕ поддржуваат членство во Евроазиската унија предводена од Русија


Уште пред почетокот на руската инвазија во Украина, во нашата јавност пробија резултатите од една анкетa која укажа на засилено руско влијание во Македонија. Покрај огромниот пад на перцепцијата за влијанието на ЕУ (од 34% на 9%) беше предочено дека „за првпат Македонците повеќе од етничките Албанци ги сметаат САД за повлијателни во ЕУ“.

По обелоденетите податоци за 2021 година („45% од Македонците би поддржале Евроазиска унија предводена од Русија“) загриженост изрази дури и претседателот Пендаровски дека „во политичка смисла етничките Македонци се вртат кон политичките ставови на Русија“. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски реагираше дека „поглупава изјава од државник не сум слушнал“. Тој тврдеше дека „не е народот проруски, ниту проукраински, туку е промакедонски“, објаснувајќи ги реакциите на граѓаните како „одраз на револт кон политиките на власта“.

Додека новинарите прашуваа Има ли „проруско расположение“ меѓу македонските граѓани?, некои аналитичари констатираа дека „Поддршката во РСМ за Русија не е толку изворна, колку создадена со лажни вести и зајакната од неуспехот на проширувањето на ЕУ“. Други пак толкуваа дека разочарувањето од политиката на ЕУ кон нас потхранува политички „про-руски“ став, потсетувајќи дека „незадоволството кон ЕУ очигледно драстично порасна од 2020-та година, кога Бугарија ѝ стави вето на Северна Македонија“. Од друга страна, пак, аналитичари од ВМРО-ДПМНЕ предупредуваа за „измислување русофилство“ и за подметнување приказни за про-Путин позиции на ВМРО-ДПМНЕ, кое имало „јасни позиции за поддршка на Украина, нејзиниот територијален интегритет и независност“.

 

Вистинско или „измислено русофилство“? Анализата на јавното мислење на ИДСЦ посочи дека повеќето етнички Македонци „би поддржале членство во Евроазиската унија, предводена од Русија, како алтернатива за членството во ЕУ“ (45%), отколку што не би поддржале (42%). Кај етничките Албанци само 13% би поддржале членство во ЕАУЕ, а дури 78% не би поддржале.

Исто така, анализата на јавното мислење на ИДСЦ за 2021 го лоцираше мноштвото поддржувачи на членството во ЕАЕУ во две политички партии. Процентуално, најмногу поддржувачи ЕАЕУ има во партијата Левица – 75% или три четвртини. Но, според анкетата, и мнозинството гласачи за ВМРО-ДПМНЕ се поддржувачи на членство во ЕАЕУ – 56% одговориле со ДА, наспротив 32% кои одговориле со НЕ, што претставува голем скок во споредба со 2019, кога 32.7% од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ ја перципирале ЕАУЕ како алтернатива на ЕУ. Најмногу НЕ за ЕАЕУ изразиле гласачите на Алијанса за Албанците (95%), па на ДУИ (87%) и СДСМ (72%).

Ваквите бројки укажуваат на тренд на зголемена доверба во ЕАЕУ (предводена од Русија, како алтернатива за членството во ЕУ). Довербата во ЕАЕУ е особено висока кај оние партиите кои остварија најдобри резултати на локалните избори во 2021 и кои воспоставија владејачки коалиции на локално ниво во повеќе општини, вклучително и во главниот град Скопје.

 

За Македонија, ЕАЕУ нема ни географска, ни економска логика Во своето обраќање на Првиот Евроазиски економски форум на 26 мај 2022, Владимир Путин истакна дека главен приоритет на Русија бил „развојот на односи со нашите непосредни и природни соседи внатре заедничката економска рамка на Советскиот Сојуз“. И токму тоа е дел од реалноста на ЕАЕУ, откако беа удрени нејзините темели. На првиот форум ЕАЕУ беше претставена од Руската федерација и нејзините најблиски соседи Ерменија, Казахстан, Киргистан и Белорусија – сите земји од поранешниот СССР.

Ако реалноста за ЕАЕУ е едно, политичките фантазии се нешто сосема друго. Путин кажа дека си замислува „Голема Евроазија“ како „голем цивилизациски проект“, а Дмитриј Медведев неодамна почна дури и воено да пропагира „слободна евроазиска зона, од Лисабон до Владивосток“. Сепак, критичарите на митот за ЕАЕУ како некаков пандан на ЕУ укажуваат дека не станува збор за автентичен проект на економска интеграција. И самата Русија не успева да одржи регионална трговска либерализација во рамките на ЕАЕУ па, оттаму, идејата дека може да има слободна трговија од „Лисабон до Владивосток“ ја оценуваат како илузорна.

Неодамнешната руска забрана за извоз на житарки во земјите на ЕАЕУ, која беше оспорена од други членки, сведочи за тоа дека ЕАЕУ e поскоро политичко-пропаганден проект и геополитичко оружје на Путин, отколку слободен пазар кој би бил пандан на ЕУ. И мнозинството Украинци беа свесни дека ЕАЕУ е пропагандна алатка на Путин, па претпочитаа влез во реалниот пазар на ЕУ, наместо имагинарни геополитички замисли за отворена трговија „од Лисабон до Владивосток“.

И покрај позитивниот тренд за ЕАЕУ во дел земји од Балканот, некои аналитичари укажаа дека „Русија никогаш сериозно не разговарала за членството во Евроазиската унија со која било од земјите на Западен Балкан“. Впрочем, како што објасни и Путин, ЕАЕУ е унија на соседи од економската рамка на СССР, а ниту една балканска земја не беше дел од СССР.

Оттаму, ланскиот пропаганден наслов „Евроазиската унија поблиска од Европската!“, кој се однесува на Србија, нема ни географска, а ни економска логика. Иако Србија склучи договор за слободна трговија со ЕАЕУ, таа не во ЕАУЕ, како што дезинформираше лидерот на русофилската Левица. По руската инвазија врз Украина, Србија е доведена пред избор дали да го избере Путин (и зависноста од рускиот гас) или пак најголемиот економски партнер ЕУ, што подразбира и приклучување на економските санкции кон Русија.

Она што географски и економски важи за Србија, важи и за сите земји од Балканот, вклучително и за Македонија. Перцепциите за приклонување кон ЕАЕУ немаат ни географска, а ни економска логика, затоа што најголем дел од економската размена Македонија го има со земјите членки на ЕУ, а не со Руската федерација и земјите од ЕАЕУ.

 

Медиумско-политичките кампањи за Евроазиска унија во Македонија За време на македонската политичка криза 2015-2017, Македонија беше изложена на силно антизападно пропагандно „зрачење“.  Проруската пропаганда ширеше конспирации за „украинско сценарио“ и заплашуваше со „Голема Албанија“, со распарчување на Македонија и разнебитување на македонскиот идентитет во случај на влез во НАТО. Но, таквите медиумско-политички анти-западни кампањи тогаш не беа проследени со препознатливи и влијателни медиумски наративи за ЕАЕУ како алтернатива на ЕУ.

Може да се каже дека кампањата за ЕАЕУ во Македонија официјално започна во почетокот на 2018, кога маргиналната партија НДМ се преименуваше во Единствена Македонија по урнек на Путиновата Единствена Русија. Новобрендираната партија ги промовираше клучните политички цели – „Република Македонија во стратешки сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија“, сензационалистички потпомогната од рускиот пропагандист Александар Дугин. Откако Путин во Белград ја промовираше соработката со ЕАЕУ на почеток на 2018, Дугин во Скопје пропагираше не само дека „ЕУ полека се растура“ и „Западот пропаѓа“, туку и дека „Русија е отворена како евроазиски сојуз“ (Дугин: Не ви треба ЕУ, таа ќе се распадне).

Откако не успеа да ја спречи интеграцијата на Македонија во НАТО, руската пропаганда се обиде политички да профитира од блокадата на евроинтеграцијата. Една седмица откако  Макрон во 2019 стави вето на датумот за преговори на Албанија и Северна Македонија со ЕУ, рускиот претставник во ЕУ саркастично ги покани двете земји во Евроазиската економска унија, која божем покажувала поголемо разбирање за нив отколку ЕУ. Иако најголемата опозициска партија ВМРО-ДПННЕ тогаш не водеше јавна кампања за поддршка на ЕАЕУ, советничката на Мицкоски Каракамишева јавно се залагаше за влез во Евроазиската унија, тврдејќи дека „тоа е иднината на светот“. 

Идејата за Евроазија од Владивосток до Лисабон ја промовираше и проруската партија Родина која води перманентна црна кампања против „угнетувачот“ ЕУ и „фашистичкото“ НАТО (претставувајќи го како на „смртна постела“ и „нефункционален сојуз со поминат рок на употреба“). Родина пропагира Економски и воен сојуз со „братска Русија” и Евроазиската економска унија, а нејзиниот основач во интервју за руски медиум тврдеше дека „првиот Евроазиец од овој регион е Александар Македонски“.

И лидерот на Левица Апасиев ја промовираше Евроазиската унија како една од алтернативите, повикувајќи Македонија да ги напушти преговорите со Бугарија. И анкетите за 2020 укажаа на трендот дека „главно негласачите, но и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица се вртат кон истокот, а сѐ поголема е поддршката за Евроазиската унија“. Фактот дека зголемената поддршка за ЕАЕУ временски се поклопува со блокадата на евроинтеграциите наведува на заклучоци дека позитивниот тренд не се должи на успешни промотивни кампањи за ЕАЕУ, туку на неуспехот на европската интеграција и блокирањето на Македонија кое предизвика огромно чувство на разочараност кај гласачите.

 

Нема „евроазиска економска интеграција“ туку милитантен руски империјализам По руската инвазија врз Украина тешко може да се зборува за некаква „евроазиска економска интеграција“. Поскоро, станува збор за безумна дезинтеграција систематски спроведувана од милитантниот руски империјализам кој воено и пропагандно е насочен не само кон Украина, туку и кон другите постсоветски пространства.

Во своите „геополитички анализи“ за „спец-операцијата“ во Украина, пропагандистот Дугин зборува за некаква „унија на словенски држави“ како продолжување на „евроазиската интеграција“, како и за „источнословенска (евроазиска) православна цивилизација“:

„Ние сме голема и независна источнословенска (евроазиска) православна цивилизација. Ние – Империја, ние сме носители на светите традиции. Ние се бориме до смрт со цивилизацијата на Антихристот. Ние градиме нов свет, а тој ќе биде праведен и прекрасен“.  

Очигледно, со „Прекрасниот нов свет“ пропаганистот Дугин се обидува да ја оправда „спецoперацијата“ на Путин како прекинување на врските со „ѓаволскиот“ Запад, отворено проповедајќи „евроазиски“ империјализам како „сосема нова страница во светската историја“. За Дугин, руската инвазија и безумното уништување на украинските градови е „ослободување на Украина“, не само како дел од „пресметка со сатанизираниот Запад“, туку реализација на идејата за „евроазиска империја и соединување на источните Словени“ во „Евроазиска унија“ составена од „Новоруси“, Белоруси и „Великоруси“. Парадоксално, при таквото „ослободување“ најмногу гинат православни Словени од Украина, а во уништувањето на украинските градови и креирањето на „православната цивилизација“ учествува голема група на милитантни исламисти од Чеченија кои веруваат дека се во мисија на „исламски џихад“.

Меѓутоа, дури и да биде создадена таква „Евроазиска унија“, со безумно воено уништување на дел од Украина, проследено со илјадници воени злосторства, таквата унија не може да биде никаков пандан на ЕУ, која е создадена по мирен, а не по воен пат.

Сепак, како што видовме, неуспехот на проширувањето на ЕУ со Македонија и Албанија, создава одлична подлога за промоција и поддршка на милитантен руски империјализам поврзан со идејата за „Евроазиска унија“, иако идејата за ЕАЕУ нема речиси никаква економска и геополитичка логика на Западниот Балкан, кој е комплетно опкружен од земји членки на ЕУ и НАТО.

(Жарко Трајаноски е медиумски аналитичар во Институт за медиуми и аналитика – ИМА)