Нема договор за минималната плата, тешко дека ќе се постигне и до март идната година

Другите синдикати биле неми по однос на борбата за зголемување на платите, а дури давале поддршка на Владата и ја бранеле од претставниците на ССМ, рече првиот човек на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов


Фото: Б Грданоски

 

Работодавачите, синдикатите и Владата денеска на седница на Економско-социјалниот совет не се усогласија за вонредно зголемување на минималната плата на 600 евра, како што беше барањето на Сојузот на синдикати на Македонија. Наместо тоа, било договорено и натаму да се преговара, но според изјавите на учесниците на 5-тата седница на ЕСС тоа тешко ќе се постигне во наредните месеци, односно до редовното усогласување на минималната плата во март идната година. Од ССМ порачаа дека доколку власта и работодавачите на ваков начин сакаат да им ја честитаат Новата година на работниците, и честитката на синдикатот ќе биде поинаква, навестувајќи ја можноста за протести, што ќе зависи и од поддршката за нив од  страна на работниците.

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека Владата останува на ставот дека нема ништо против зголемување на минималната плата, но тоа да е резултат на договор меѓу синдикатите и работодавачите.

 „Денеска не се постигна договор за зголемување на минималната плата на 600 евра“, изјави по седницата на Економско-социјалниот совет што се одржа во Владата, претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, кој рече дека единствено било договорено да се преговара и понатаму за минималната плата.

„Се договоривме дека ќе се договараме. Конкретен договор нема и се надевам дека во тек на овој период до законското усогласување на минималната плата имаме шанси да преговараме. Меѓутоа, во овој момент, на оваа седница на Економско-социјалниот совет нема договор. Има разговори за модели како може да ја договораме минималната плата“, рече Бошков.

Тој посочи дека еден од предлозите на Бизнис конфедерацијата е во рамки на Законот за работни односи да се прошири колективното договарање со што ќе се вклучи и минималната плата, особено во одредени сектори.

„Нашиот предлог е дека со договарањето на минимална плата во одредени сектори може да се намалат и злоупотребите, така [to топката е помеѓу синдикатите и работодавачите“, вели тој.

Според Бошков, премиерот Мицкоски покажал интерес за зголемување на минималната плата поради зголемување на приходите во буџетот. Меѓутоа, како што додаде, реалната состојба е дека генерално според Државниот завод за статистика и Централниот регистер, профитабилноста на македонските компании се движи меѓу два и пет проценти.

„Енормно зголемување на минималната плата во овој момент е невозможно, меѓутоа имаме шанси да преговараме и да видиме до каде ќе се договориме и кој ќе биде износот на минималната плата“, рече Бошков, кој додаде дека до март (кога е редовното усогласување) може само да се договараат.

„Меѓутоа, конкретно со точен износ на минималната плата мислам дека нема да може да излеземе“, посочи Бошков.

Многу поконкретен беше министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој рече дека според нивните индикатори, во вакви економски услови нема оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување во март 2026 година кое е утврдено со закон и кое би било помеѓу 1.500 и 2.000 денари.

„Во делот на минималната плата ставот на Министерството е јасен и заснован на податоци.  Според анализите и актуелните податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата во ноември изнесува 0,5 проценти, а на годишно ниво е околу 4 проценти, што укажува на стабилизација на ценовните движења“, рече Дурмиши.

Тој посочи дека никогаш не биле против зголемување на минималната плата, туку преку дијалог оставаат таа да биде договорена помеѓу работодавачите и работниците.

Тој додаде дека висината на минималната плата се пресметува по транспарентна формула, 50 проценти од растот на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците на живот, со гаранција дека таа не може да биде пониска од 57 проценти од просечната нето-плата, механизам кој е договорен токму во рамки на Економско социјалниот совет и усогласен со европските практики.

„Нагло и непланирано зголемување, без поврзаност со продуктивноста и реалните економски капацитети, би создало дополнителен притисок врз малите и средните петпријатија и ризик за работните места“, смета Дурмиши. додавајќи дека целта е минималната плата да расте постепено, одржливо и предвидливо, со што ќе се обезбеди сигурност и за работниџците и за економијата.

Првиот човек на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, пак, рече дека поканата која ја добиле за оваа седница на ЕСС, не била да се дискутира за животниот стандард на работниците и на граѓаните.

„Бевме изненадени од таквата покана, веројатно некој сакаше да си честитаме Нова година“, рече тој посочувајќи дека на барање на ССМ во дневниот ред била додадена потребата од растот на минималната плата и анализата која во текот на денот ќе ја споделат со јавноста, како и две други точки – за колективното договарање во јавниот сектор согласно со законите за јавен сектор и јавни административни службеници.

„Тоа што го слушнавме внатре е лицитирање со потребата од зголемување на минималната плата – 600, 700, 800 дури и илјада евра. Владата и работодавачите нека седнат и нека се договорат за кој износ се подготвени да ја зголемат минималната плата и да нѐ повикаат нас синдикатите и да ни кажат што ќе се случи. Меѓутоа, предлагаме да го направат тоа најбрзо што може за да не се си ја честитаме Нова година на различен начин“, рече Трендафилов.

За жал, како што посочи, на седницата на ЕСС, од другите синдикати биле неми по однос на борбата за зголемување на платите, а дури давале поддршка на Владата и ја бранеле од дискусијата на претставниците на ССМ.

„Ги повикувам работниците да ни дадат што е можно поголема поддршка во наредниот период за следните чекори што ќе ги направиме, затоа што очигледно е дека ако не се слушне јазикот на аргументите, ќе се слушне јазикот на работниците на друго место“, рече Трендафилов.

Според него, тие денеска настапиле аргументирано и ги побиле сите тези на работодавачите и на претставниците на Владата, но за нив тие аргументи не биле доволни.

„Анкетата која што ја спроведе ССМ од 1.600 испитаници за нив не беше репрезентативен примерок, тоа што се отвораат повеќе компании од оние што се затвораат по порастот на минималната плата не е доволно, исто така и тоа што се зголемува бројот на вработени и се намалува бројот на невработени, како и тоа што Македонија има најниска минимална и просечна плата, односно ако има дно, ние сме под дното, но и тоа не беше доволно“, рече Трендафилов.

Тој рече дека иако има голема желба кај сите, нема расположение за зголемување на минималната плата вонредно од 1 јануари. Трендафилов потсети дека од тогаш во Албанија минималната плата ќе биде 500 евра, а во Косово 430 евра, а од јуни и таму ќе изнесува 500 евра, во Србија 550 евра, а во БиХ, минималната плата ќе биде колку просечната овде.

„Денеска бевме двајца претставници од ССМ, од 12 колку што брои ЕСС, за зголемување на работничките плати и за враќање на колективното договарање, додека колегите од другиот синдикат беа дека моментално треба само да се почитуваат законите и работниците како знаат нека се снаоѓаат“, рече Трендафилов.

Тој изрази загриженост од ваквата состојба бидејќи, како што рече, работниците оваа Нова година ќе ја дочекаат како најсиромашни на Балканот и најсиромашни во Европа.

„Ако е тоа честитката која што сакаат да ја упатат од денешната седница на ЕСС, тогаш и ние ќе бидеме принудени да честитаме Нова година на друг начин“, рече Трендафилов, нагласувајќи дека е јасно уште сега дека усогласувањето на минималната плата во март нема да биде доволно имајќи ги предвид трошоците на живот.

Висината на минималната плата во бруто-износ во Македонија, започнувајќи со исплатата на платата за месец март 2025 година, изнесува 36.037 денари. Нето платата изнесува 24.379 денари.

(M.J.)

 

На истата тема:

 

Мицкоски е за поголема минималната плата, но во тоа да не се меша Владата