Нема да се градат Шпанските скали на Плоштад

Фото: Б. Грданоски

Второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски, ја одби жалбата на инвеститорот за изградба на таканаречените Шпанските скали. Со ова останува на сила решението издадено од општина Центар за ништовност на одобрението за градење на шпански скали, за чија изградба имаше многу негативни реакции во јавноста.

Општина Центар, на 12 мај, донесе решение со кое го огласи за ништовно одобрението за градење на таканаречените шпански скали, на инвеститорот затоа што истиот не започнал со градежни активности во законски предвидениот рок од 2 години.

Инвеститорот, незадоволен од решението на Општина Центар, изјавил жалба до второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски, како орган надлежен за решавање на спорови.

Второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски на 20 август, донел решение со кое што жалбата на инвеститорот изјавена против решението издадено од општината од 12 мај се одбива како неоснована.

Второстепениот орган, откако детално го разгледал обжаленото решение и наводите во жалбата, констатирал дека Општина Центар детално го образложила и пресметала рокот од 2 години од денот кога одобрението за градење станало правосилно, а со тоа изминал и рокот за отпочнување на градба.

Со ова, второстепениот орган укажал дека Општина Центар правилно ги проценила и увидела дека се исполнети условите за огласување на ништовно одобрение за градење.
Оттука, Општина Центар постапила правилно и не го повредила законот како на нејзина штета, така на штета на граѓаните, а најмалку на штета на жалителот во постапката.
Општина Центар, во согласност со законите, секогаш ќе води сметка за зачувување на секој дел од јавниот простор, како јавно добро кое не треба и не смее да се приватизира и е достапно за користење од страна на сите граѓани.