Неколку земјотреси го погодија Санторини- превентивни мерки за граѓаните
Атина– Неколку земјотреси од над три степени, но и три со јачина од 4,5, 4,3 и 4,1 степени според Рихтер, регистрирани претпладнево се само дел од серијата земјотреси од изминатите денови во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос, а надлежните донесоа превентивни мерки, меѓу кои и училиштата на Санторини утре да останат затворени, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчката државна телевизија „ЕРТ“ во изминатата седмица биле регистрирани над 200 земјотреси, а градоначалникот на Санторини Анастасиос Зорзос за весникот „Катимерини“ посочува дека не постои општа загриженост кај жителите, бидејќи како што објаснува „имаат искуство од сеизмичко – вулканската криза од 2011-2012 година“.
Грчките сеизмолози смируваат дека земјотресите на Санторини не се поврзани со вулканската активност на островот.
Поради сеизмичката активност во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос, синоќа Комисијата за процена на сеизмичката опасност и Комисијата за следење на вулкански активности одржаа состанок во Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција и откако ги разгледале податоците заклучно со вчера, донеле неколку препораки и превентивни мерки.
Поконкретно, како што соопштија од Министерството, членовите на комисиите препорачуваат училиштата утре да останат затворени; граѓаните да избегнуваат големи собири во затворени простори и да избегнуваат пристап и престој во две пристаништа на Санторини, односно пристаништето кај градот Иа и старото пристаниште во Фира.
Дополнително, откако комисиите ги разгледале податоците едногласно било констатирано дека „сеизмичката активност во калдерата е намалена“ и дека зголемената сеизмичка активност меѓу Санторини и Аморгос „не е поврзана со вулканска активност, бидејќи се должи на подморски раседи со североисточен и југозападен правец“.
Од Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција, по синоќешниот состанок посочија дека доколку се оцени дека е потребно, ќе се одржи нов состанок.